Поранешниот претседател Радев, со апсолутна победа на парламентарните избори во Бугарија
| Со убедлив триумф на Румен Радев, Бугарија конечно добива стабилна влада по години политички турбуленции. Во Скопје растат очекувањата дека тоа може да отвори простор за деблокада на евроинтеграциите. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и шефот на македонската дипломатија најавуваат нов дијалог и барање решение за спорните прашања. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека бугарската позиција останува цврста, без разлика кој е на власт. Дилемата останува – дали стабилноста во Софија ќе значи напредок или само поцврста блокада за Македонија |
По долги години политичко кризирање, со победата на поранешниот претседател Румен Радев на осмите парламентарни избори за пет години, Бугарија добива стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада. Клучното прашање што се поставува во земјава е дали и Македонија со тоа ќе добие стабилен партнер за пеглање на несогласувањата околу уставните измени и членството на земјава во ЕУ или официјална Софија добива нова власт, но со стари позиции. Радев доби честитки од Скопје за победата на изборите, но и очекувања дека заеднички ќе се бара решение за проблемот што е кочница на македонскиот пат кон ЕУ.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека изборните резултати во Бугарија се очекувани и оти со идниот бугарски премиер, Румен Радев, ќе трагаат по ново решение за билатералниот спор за откочување на нашите евроинтеграции. Сиљановска-Давкова рече дека ефективната власт во Бугарија е лоцирана кај владата, а на Радев сигурно ќе му биде доделен најпрвин мандат за состав на влада, што остава простор за разговори.
– Сум го запознала господинот Радев, многупати сум го сретнала. Не се согласуваме за многу работи, но умееме да се сослушаме со почит и да заклучиме дека ќе бараме решение. Она што е ново, е драматичната состојба во светот, во амбиент на драматично сменет меѓународен поредок, безбедноста добива на тежина, важноста, говорам за важноста на ЕУ, говорам за опасноста и за потребата од градење отпорност кон можни фактори и актери на Бaлканот. Да потсетам, Балканот секогаш бил зона за тестирање на односите на големите сили, лакмус, тоа сигурно ќе биде и сега, и јас очекувам третирање на проширувањето не само низ призма на поголема ЕУ, компетитивна на глобалната политичка сцена туку и поголема безбедност. Ние имаме 100 проценти усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ и повеќе држави од регионот – Црна Гора и Албанија, и очекувам да се видиме да разговараме, се разбира, со двете знамиња, и да трагаме по ново решение, рече Сиљановска-Давкова.
Македонската претседателка додаде дека Бугарија добива премиер кој ужива голема поддршка, има големо искуство и почит на голем број граѓани и се надева дека тоа ќе го искористи во најдобра можна мерка за надминување на проблемите со кои се соочува Бугарија, а кои се таложеа низ честите промени на владите. Тоа, според неа, од една страна го прави многу силен, но од друга страна оцени дека кога луѓето ќе дојдат на власт и ќе можат да ги управуваат работите, понекогаш умеат да посегнат и по подобри решенија.
Развивање дијалог
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, исто така порача дека земјава посакува билатералните односи да се развиваат во позитивна атмосфера и да се стави голем фокус на големите стратешки приоритети како Коридорот 8, каде што и досега имаше некое раздвижување, но со уште позасилена динамика да се движиме во заедничка реализација на тој стратешки проект.
– Да се фокусираме на билатералните односи во делот на економијата и трговијата, но и, конечно, да почнеме изнаоѓање решение за она што го кочи процесот ние, како држава, да не можеме да ги почнеме пристапните преговори со Европската Унија. Што значи, ние веднаш по формирањето на владата ќе преземеме соодветни дејства и мерки за развивање дијалог и се надеваме дека може да се најде некое соодветно, праведно решение, кое ја потврдува нашата желба за напредок кон евроинтеграцискиот пат, но земајќи ги предвид и самопочитта кон нашиот идентитет, јазик и историја, изјави шефот на дипломатијата.
Муцунски потврди дека премиерот Мицкоски уште утрото по изборниот ден му се јавил на Румен Радев, за да му ја честита победата.
Претходно, дента на изборите, премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување граѓаните во Бугарија да изберат проевропски премиер фокусиран на добрососедските односи, наместо на билатерални прашања. Премиерот истакна дека е и благо разочаран од нискиот одѕив на македонските Бугари, кои учествуваа на изборите.
Честитки до идниот бугарски премиер упати и претседателот на Собранието, Африм Гаши, и изрази надеж дека конечно во Бугарија ќе има стабилна политичка Влада и ќе се затворат отворените прашања меѓу Софија и Скопје. Тој очекува што побргу да се формира Влада во Софија, да се стапи во контакт и „да се фати возот“, да се почне со отворање на поглавјата и во првиот круг на проширување, ако го има, земјава да биде дел од тоа проширување на ЕУ.
– Нормално е дека за нас како држава е во полза да имаме стабилна политичка Влада во Софија. За да можеме да ги затвориме прашањата што се отворени. Знаете дека оваа Влада, од почетокот, има јасна заложба дека европскиот пат е дел од нашата агенда и приоритет. Но, секако, дилемите за кои е веќе јасно кои се, требаше да ги решиме заедно со политичка Влада во Бугарија, истакна Гаши на брифинг со новинарите.
Во однос на уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, Гаши вели дека Собранието е подготвено и може веднаш да почне со постапката, но, потребен е политички договор и гаранција дека во иднина нема да има такви прашања во однос на идентитетот.
– Јасни се процедурите за менување на Уставот и се знае кој може да биде предлагач, рече Гаши.
Македонија во ЕУ може, но македонизмот не
Поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорче, смета дека победата на Радев суштински нема да донесе промена во односот на Бугарија кон Македонија, бидејќи „ниту еден бугарски политичар не може да излезе од бугарската матрица на нивната национална доктрина за македонското прашање“. Со други зборови, разликите меѓу бугарските лидери се повеќе стилски отколку суштински.
Ѓорчев укажува дека проблемот не е само во Софија, туку и во Скопје. Според него, Бугарија има внатрешно единство околу ова прашање, додека кај нас, тоа недостасува: потребна е „иста таква едногласност“ за да се води поефикасна политика.
Во однос на спорот, тој нагласи дека Бугарија ја признава државноста, но има проблем со идентитетските прашања, што го сумира преку ставот дека „Македонија во ЕУ може, но македонизмот не може“. Затоа, ниту Радев нема политички простор да отстапи од таа линија.
– Не е спорно дека Бугарија прва ја призна независна Македонија, но има проблем со суштината на македонскиот суверенитет, изразена преку ставот „Македонија во ЕУ може, но македонизмот не може“. Ни Радев не може да излезе од таа матрица бидејќи нема овластување од бугарските граѓани за тоа, вели Ѓорчев во изјава за „Дојче веле“.
Дополнително, Ѓорчев повикува фокусот да се префрли од историјата кон иднината – наместо расправи „чиј е Гоце Делчев“, да се бараат практични решенија и соработка, како што тоа го направиле други европски држави.
– Дали Франција и Германија денес дебатираат за тоа чиј е Карло Велики?, прашува Ѓорчев.
За самиот Радев, оценува дека ќе остане на европски курс, но како „суверенист“ ќе води попрагматична политика и ќе ги следи интересите на Бугарија, вклучително и во рамки на ЕУ и НАТО.
Радев, по затворањето на избирачките места, изјави дека изборниот резултат претставува победа на моралот, но предупреди дека недовербата во политичкиот систем во Бугарија сè уште останува голема, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ). Според него, Бугарија ќе остане на европскиот пат, но со попрагматичен пристап, додавајќи дека на Европа ѝ треба критичко размислување, прагматизам и реални резултати.
– Европа мора да ја врати својата конкурентност и да ја запре деиндустријализацијата. Без енергетски ресурси, не можеме да зборуваме за економска сила, рече Радев.
Радев победи и во Македонија
Партијата Прогресивна Бугарија на Румен Радев, според податоците на Централната изборна комисија, објавени вчера во 13 часот по локално време, при обработени 98,33 проценти од протоколите, освоила 44,67 проценти или 1,42 милиони гласови, што значи дека Радев е апсолутен победник и се смета дека ќе има пратенички мандати самостојно да формира влада.
Ова е првпат по 1997 година една партија самостојно да освои мнозинство во Парламентот. На изборите во 1997 година тоа му успеа на Иван Костов и неговите Обединети демократски сили кои освоија 52,26 проценти од гласовите.

Партијата Прогресивна Бугарија на поранешниот бугарски претседател победи и во Македонија. Според податоците што ги објавија бугарските медиуми, повикувајќи се на бугарската Амбасада во Македонија, кај нас гласале 436 етнички Бугари, од кои за партијата на Радев гласале 160.
Новоформираниот политички сојуз на Радев, позициониран во центарот на левицата, со освоени речиси 45 проценти од гласовите, оствари резултат што не е забележан со години и кој отвора можност за стабилно парламентарно мнозинство.
Овој исход доаѓа по долг период на политичка нестабилност, во кој земјата одржа дури осум изборни циклуси во рок од пет години, без да се формира трајна и функционална влада. Во таков контекст, Радев ја градеше својата кампања околу ветувања за прекин на институционалната криза, нагласувајќи дека нови избори би значеле само продлабочување на проблемите.
По напуштањето на претседателската функција во јануари, Радев брзо ја капитализираше поддршката што ја стекна за време на антивладините протести, позиционирајќи се како алтернатива на досегашниот политички естаблишмент. Во фокусот на неговата програма беа борбата против корупцијата и подобрување на животниот стандард.
Во меѓувреме, традиционалните политички актери, како партиите поврзани со поранешните премиери Бојко Борисов и Кирил Петков, останаа далеку зад него, со поддршка од околу 13 проценти.
Сепак, неговиот политички профил не помина без контроверзии. Дел од критиките се однесуваат на неговите позиции за меѓународната политика, особено перципираната блискост до Москва и резервираноста кон санкциите на Европската Унија кон Русија. И покрај тоа, изборниот резултат покажува дека значителен дел од гласачите му дале доверба токму на Радев и на неговата политика. (В. С. Н.)












