– Љубојно добива нов современ центар, кој ќе го афирмира македонскиот јазик и ќе донесе нов живот и развој за целиот регион, рече министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при неговата денешна посета на Преспа, за време на која беше извршен и увид во работите на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, едно од највредните културни богатства во државава.

Според министерот, проектот за реконструкција и адаптација на старото училиште во Љубојно во мултимедијален центар за промоција на македонскиот јазик, инвестиција вредна 20 милиони денари обезбедени од Министерството, е во напредна фаза.

Во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, пак, во изминатата деценија се вложени околу 30 милиони денари за нејзина заштита, реставрација и конзервација.

– Курбиново е жив сведок на нашата богата историја и уметност – со посветена работа и континуирани вложувања успеваме да го зачуваме ова непроценливо богатство и да го доближиме до пошироката јавност. Ова богатство ќе го вратиме во полн сјај и ќе го направиме целосно достапно за посетителите од земјава и од странство. Надминувањето на предизвиците околу поставувањето на заштитната натстрешница е наш приоритет, со цел дополнителна и трајна заштита на фасадното сликарство, а активностите во овој правец ќе продолжат со засилена динамика во наредниот период, рече Љутков.

Во Ресен, министерот изврши увид во Сарајот на Нијази-бег, каде што со средства од европските фондови се реализира реконструкција на покривот, а беше посетена и Спомен-куќата на Татарчеви.

Од Министерството за култура и туризам посочуваат дека со направените увиди, Министерството ја демонстрира својата посветеност за зачувување и современа презентација на културното наследство, со што се создаваат нови можности за туризам и економски развој.

 

ИЗДВОЕНИ