вторник, ноември 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нема веќе парагон-блокови и хартиени фактури – малите трговци сè повеќе ги...

Нема веќе парагон-блокови и хартиени фактури – малите трговци сè повеќе ги прифаќаат картичките и електронското плаќање

Македонија и регионот се соочуваат со предизвици во развојот на дигиталните вештини и на е-трговијата, додека вештачката интелигенција отвора нови можности за модернизација на бизнисите. На Деветтата регионална конференција за е-трговија беа истакнати потребата од забрзување на дигиталната трансформација, зголемување на безготовинското плаќање и поголема примена на современите технологии. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, презентирајќи ги активностите за дигитализација на компаниите и на институциите, посочи дека повеќе од 90 мали трговци во Битола веќе преминале на електронски начини на плаќање

0

Дигиталната трансформација и вештачката интелигенција отвораат нови можности за развој на е-трговијата, но Македонија и регионот сè уште се соочуваат со предизвици поврзани со дигиталните вештини, довербата во онлајн купувањето и со доминацијата на готовинското плаќање. Овие прашања беа во фокусот на Деветтата регионална конференција за е-трговија, која се одржа во Скопје, со повеќе од 900 учесници од над 12 земји и со повеќе од 30 домашни и меѓународни говорници.

Под мотото „From Wait and See to Act and Scale“, конференцијата ги обедини претставниците на бизнис-секторот, институциите и меѓународните организации на дискусија за иднината на онлајн трговијата, дигиталното плаќање и примената на вештачката интелигенција.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска-Станков, посочи дека конференцијата низ годините прераснала во значаен регионален настан, кој покрај глобалните технолошки трендови, ги промовира и успешните приказни од регионот.

– Иако светот веќе зборува за ВИ-агенти, хиперперсонализација и за автоматизирана е-трговија, регионот сè уште има сериозни предизвици. Нивото на дигитални вештини изнесува околу 31 процент наспроти 64 проценти во Европската Унија, додека Македонија бележи само седум проценти кај напредните дигитални вештини – изјави Ангеловска-Станков.

Ангеловска посочи дека покрај недоволните дигитални вештини, проблем претставуваат и сивата економија, недовербата во онлајн купувањето и големото учество на готовинското плаќање. Затоа, како што истакна, неопходно е паралелно да се работи на надминување на овие слабости и на искористување на можностите што ги носи новата технологија.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оцени дека постои основа за развој на е-трговијата, посочувајќи дека 97 проценти од малите и од средните претпријатија имаат пристап до Интернет.

– Потребно е да го направиме следниот чекор во насока на искористување на тој потенцијал, развој на електронската трговија, дигитализација на плаќањето и градење на дигиталните вештини – истакна Андоновски.

Тој ги издвои двата европски дигитални иновациски хаба, преку кои се поддржуваат малите и средните претпријатија во дигиталната трансформација.

– Досега, повеќе од 60 компании добиле дигитални процени, обука и патокази за развој. Како позитивен пример ја посочи и иницијативата во Битола, преку која повеќе од 90 мали трговци почнале да прифаќаат картички и други електронски начини на плаќање – изјави Андоновски.

Тој соопшти и дека октомври бил рекорден месец за платформата за интероперабилност, со околу 20 милиони реализирани трансакции. Во тој период, околу 300.000 граѓани ги користеле услугите на националниот портал, а повеќе од 30.000 веќе ја користат новата апликација.

Во однос на дигиталната инфраструктура, тој информираше дека е завршена физибилити-студијата за националниот податочен центар, а почетокот на изградбата се очекува во 2027 година. Акцент, како што посочи, се става и на привлекувањето инвестиции во кибербезбедноста.

Говорејќи за електронската трговија, Андоновски нагласи дека иднината е во безготовинското плаќање, кое заштедува време и средства за граѓаните и за компаниите. Според податоците на Народната банка, вредноста на трансакциите во електронската трговија во првото полугодие бележи раст од 14 проценти во споредба со тој период лани, а повеќе од 50 проценти од трансакциите со картички се реализираат кај домашните трговци.

– Со помош на вештачката интелигенција, со многу помали инвестиции, може да се направат значително поголеми промени. Иднината на е-трговијата нема да ја дефинира само технологијата туку, пред сè, луѓето, кои знаат како правилно да ја користат – истакна Андоновски.

Заедничката порака од конференцијата е дека регионот мора да премине од чекање кон конкретни активности, со истовремено унапредување на дигиталните вештини, плаќањето и условите за развој на современата е-трговија.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ