Годинава, 39. издание на „Фолк-фест Валандово“ со себе носи и еден посебен фестивалски десерт. Врвните пејачи Петар Нечовски, Благица Калева и Нино Величковски се меѓу изведувачите со најмногу победи во историјата на фестивалот. По три победи секој засебно. Еве кои се тие победи:
Петар Нечовски победувал трипати:
1992 – „Слушај ги камбаните“, 1993 – „Вечност да ти бидам“, 1998 – „Запри време“
Благица Калева досега победувала исто така трипати:
1999 – „Судбина било“, во дует со Перо Христов, 2010 – „И на јаве и на сон“, 2018 – „Горда мајка“
Нино Величковски е исто така од оние пејачи кои имаат три победи:
2001 – „Уште еднаш“, 2005 – „Не се трпат немири“ и 2014 – „Крстозбор“
Овој мај, Благица Калева и Нино Величковски повторно ќе испеат убави песни на валандовската сцена, а тоа е можност за нивната нова, четврта победа.
Натпреварувачката вечер ќе се одржи на 27 мај, со пренос во живо на МТВ 1, со почеток во 20.30 часот.
И тоа не е сè што е врзано за фестивалот. Во Валандово, убавиот медитерански град на песната, љубовта, калинките и традицијата, годинашното издание на сцената во салата „Јанко Узунов“ ќе ја угости и фолк-дамата Ленче Дедејче Кукиќ. Таа ќе блесне на својот концерт додека се пребројуваат гласовите. Публиката ќе има ретка можност да ужива во нејзиното маестрално пеење. Со тоа, организаторите направија полн погодок на фестивалот одбирајќи ја Ленче за овој фестивалски настап. Со свое уникатно шоу, таа ќе ја збогати целата атмосфера. Тоа нема да биде само музички настап, туку вистинско носталгично патување низ емоции, спомени, љубов и македонска песна.
Со препознатливата харизма, моќниот вокал и пееењето кое допира директно до срцето, Ленче ветува вечер исполнета со незаборавни мигови за публиката во салата, но и за сите пред малите екрани.
-Ќе пееме, ќе наздравуваме и ќе ја раскажеме најубавата музичка приказна од убавиот фестивал, порачува расположената Ленче Кукиќ.
(Д.М.)












