Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска учествуваше на заедничката министерска средба со министрите за енергетика на Грција – Ставрос Папаставру, на Србија – Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ и на Бугарија – заменик-министерот Кирил Темелков, која се одржа во Атина, Грција. Станува збор за средба што е единствена во ваков формат, а е фокусирана на регионалното енергетско поврзување и на зацврстувањето на соработката меѓу земјите од регионот на полето на енергетиката.

Министрите ја нагласија потребата од понатамошна меѓусебна соработка во регионот, како катализатор на инфраструктурните развојни планови, пазарната интеграција во делот на гасот и електричната енергија, флексибилноста и сигурноста во снабдувањето. Се разговараше на техничко ниво со владините претставници и со систем-операторите за гас и за електрична енергија. Беше потенцирана одличната соработка помеѓу систем-операторите на четирите земји, со дополнително барање да се интензивираат нивните контакти и да се продлабочи нивната соработка во понатамошниот период.

На крајот од состанокот, во духот на понатамошната соработка, беше договорено да се прошират работните групи со Србија и со Македонија, со цел да работат поефективно во насока на градење поврзана, поотпорна, одржлива регионална енергетска рамка, усогласена со целите на Европската енергетска унија.

Притоа, министерката Божиновска ги истакна важноста и потребата од координација во однос на инфраструктурата, пазарите и политиките, оценувајќи ја како клучна за изградба на поотпорен и поконкурентен енергетски систем во Југоисточна Европа.

– Министерската дискусија доаѓа во важен момент за нашиот регион. Југоисточна Европа се наоѓа во сложена енергетска транзиција, каде што сигурноста на снабдувањето, интеграцијата на пазарите и декарбонизацијата мора да напредуваат заедно. Македонија целосно ја споделува оваа визија. Ние сме посветени на зајакнувањето на енергетската безбедност преку диверзификација, забрзување на интеграцијата на обновливите извори на енергија и усогласување со внатрешниот енергетски пазар на ЕУ – нагласи министерката Божиновска на средбата со колегите од регионот, додавајќи дека ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици.

ИЗДВОЕНИ