Српскиот кошаркар Никола Јокиќ веќе со години доминира во НБА-лигата и статистички е меѓу најдобрите во најсилната лига, поради што дојде и до неколку МВП-награди. Тој нема намера да се врати во Европа и да игра во Евролигата, а тоа го потврди и во поткастот на Един Авдиќ.
- Не би се вратил во Европа. Немам ништо против Евролигата или нешто слично, само така мислам. Не би се вратил, тоа е тоа, порача Јокиќ.
Потоа, српскиот центар ги откри плановите за во иднина, односно уште колку планира да игра кошарка.
- Ќе играм колку што можам. Можеби не колку што можам, но колку што гледам дека имам предност, дека можам да играм на високо ниво. Не знам, тоа е моето мислење. Можеби ќе кажам нешто различно во следното интервју, додаде Јокиќ.
Инаку, изминативе неколку сезони видовме неколку шокантни размени, а најлуда беше онаа меѓу ЛА Лејкерс и Далас, при размената на Лука Дончиќ за Ентони Дејвис. Но, јасно е дека Денвер не би го испратил Никола Јокиќ во друг тим освен ако тој самиот не сака. Затоа, даде одговори и на ова прашање.
- Не би сакал да го замислам тоа. Најдов мир тука, моите две деца се родени тука, сите се мои, мир, куќа, го најдов мојот живот. Ми се допаѓа животот тука. Немам желба, немам потреба, направивме нешто заедно како тим. И да не освоиме ништо повеќе до крајот, тимот вреди повеќе од сè. Тоа беше органска титула, заклучи Јокиќ и додаде дека неговите деца го промениле.











