Во рамки на подготовката на проектната документација за Коридор 8 – делницата автопат Требеништа – Ќафасан, во вторник, на 31 март, ќе се одржи јавна консултативна средба во Советот на општина Струга, со цел активно вклучување на граѓаните во процесот.
Средбата е наменета за жителите од населените места: Мислешево, Мороишта, Драслајца, Враништа, Корошишта, Ливада, Заграчани, Шум, Вишни, Радолишта, Калишта, Франгово, Радожда и Делогожда.
– Цел на средбата е прибирање мислења, коментари и предлози од граѓаните, разгледување на социјалните аспекти поврзани со проектот, идентификација и заштита на културното наследство и поттикнување на учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки. Се повикуваат сите заинтересирани граѓани да присуствуваат и активно да се вклучат со свои мислења и предлози – велат од Општина Струга.
Оваа делница е четвртата, сè уште непочната траса, која е договорена со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, на почетокот на овој месец изјави дека изградба на автопатска делница Требеништа – Ќафасан би била проблематична за УНЕСКО и затоа тој не би одел со главата во ѕид и додава дека веќе се размислува за алтернатива. За тоа дали „Бехтел и Енка” и коалицискиот партнер во Владата – ВЛЕН би се согласиле да се гради автопат Фариш – Прилеп наместо Требеништа – Ќафасан, Николоски одговара: „Треба да зборуваме“.
– Имаме предвид дека УНЕСКО нема против да се користат постојни решенија. А постојното решение е под Модрич – Струга – Ќафасан. Така што, следниве неколку недели, во консултација со УНЕСКО, ќе ја донесеме најдобрата одлука, а тоа е дали комплетно на ново да градиме автопат или да градиме нешто друго. Инаку, најдобар доказ дека ние сакаме да го изградиме овој автопат е клучката кај Требеништа, која е дел од автопатот Охрид – Кичево, а која веќе се изгради – рече Николоски.
(С. Бл.)












