Намалување на бројот на потребните потписи на граѓаните како услов за кандидатура за градоначалници и за советници на локалните избори очекуваат претставниците на граѓанскиот сектор. Но, освен тоа, се очекува и олеснување на начинот на собирање на предвидените потписи, со што граѓаните не би биле принудени задолжително да одат во канцелариите на Државната изборна комисија по општините. Ова се очекувањата на претставниците на граѓанскиот сектор откако Уставниот суд завчера одлучи да се укинат две одредби од Изборниот законик. Уставните судии, познато е, решија веќе да не постои обврска независните кандидати да мора да собираат по 1 процент од вкупно запишаните избирачи во одделни општини и во Градот Скопје за да се јават во улога на кандидати за градоначалници и за советници во општинските совети. Од одлуката што ќе почне да важи од денот на објавувањето во „Службен весник“, произлегува дека македонското Собрание наскоро ќе треба да донесе ново законско решение со кое ќе се замени укинатото.
Од граѓанските организации наведуваат дека е клучно да се олеснат условите за кандидирање, бидејќи, според досегашните, за тоа беше потребно собирање по неколку илјади потписи на граѓаните. Невена Георгиевска, независен советник во скопската општина Карпош, од граѓанската организација „Независни за Карпош“, ни изјави дека очекуваат намалување на предвидените услови.
– Би било добро да се намали условот за потребните потписи. Во западноевропските земји често се потребни само педесетина потписи за кандидатура. Мислам дека нема да се злоупотреби намалувањето од граѓанските организации за да се случи многу кандидатури. Можеби поголема опасност од злоупотреби постои од партиите, кои со поднесувањето такви „независни“ листи ќе сакаат да направат некој сериозен независен кандидат да биде помалку видлив на изборите. Ако не се прифаќа значителното намалување, тогаш на сила би можело да се врати претходното решение со кое, на пример, за Општина Карпош беа потребни 350 потписи, а за Градот Скопје – 1.000 потписи – вели Георгиевска за весникот ВЕЧЕР.
Како што наведуваат граѓанските организации во Австрија и во Белгија, за независни кандидатури за градоначалници се потребни од 200 до 500 потписи, во Велика Британија само 10 потписи, во Финска исто така 10 потписи, а во помалите општини – три или пет. Во Германија се собираат 200 потписи, во Данска 150-200, во Ирска 16 потписи за локалните избори, а 60 за парламентарните, на Кипар и на Малта по 4 потписи, во Грција 12, а во Естонија и во Франција нема барања за собирање потписи.
Горјан Јовановски од граѓанската организација „Зелен хуман град“ и независен советник во Градот Скопје, освен намалување на бројот на потребните потписи, смета дека треба да се олесни и нивното собирање.
– Ќе бараме да може да се прави собирање потписи надвор од канцелариите на ДИК; второ, овозможување еднаков пристап до финансиите за медиумски простор во време на кампања, како и партиите; трето, можност за користење на името на групата на гласачкото ливче место „група избирачи“ и четврто, скратени бирократски процедури, зголемени рокови и друго… – ни најави Јовановски.
Сега на потег е Министерството за правда, кое ќе треба да предложи нови решенија откако ќе постигнат партиите консензус. Но, оттаму завчера ни изјавија дека консултациите околу овие и други промени во Изборниот законик се во тек, но нема одговор до кој рок би требало да бидат завршени. Министерот за правда, Игор Филков, кон крајот на минатиот месец, на прес-конференција, изјави дека „има време во наредните две недели да бидат донесени измените во Изборниот законик“ доколку има волја и расположение кај политичките партии.
Координаторот на пратеничката група на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Никола Мицевски, ни кажа дека тие допрва ќе ја анализираат состојбата по одлуката на Уставниот суд.
– Прво да го видиме образложението откако јавно ќе биде објавена одлуката, а потоа ќе изградиме став околу условите за независни кандидати – ни рече тој.
Од најголемата опозициска партија, СДСМ, вчера не одговорија на нашето прашање околу оваа тема. (Б. Ѓ.)
(рамка)
Н: Ќе може ли да се кандидира секој граѓанин?
Правните експерти што ги консултираше ВЕЧЕР наведуваат дека може да се случи несекојдневна ситуација доколку партиите не ги усогласат новите услови за кандидирање на независните кандидати.
– Во таква ситуација, ако не се договорат новите услови и критериуми, тогаш нема да постои обврската за собирање потписи и колку потписи конкретно. Тоа ќе значи дека секој граѓанин ќе може да се јави во улога на кандидат за градоначалник, доколку сака, и со поднесување лична пријава – ни изјави Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК.