четврток, ноември 19, 2026
Дома СВЕТ Промена на верската мапа во светот: Исламот би можел да го надмине...

Промена на верската мапа во светот: Исламот би можел да го надмине христијанството до 2035 година

0

Исламот би можел да го надмине христијанството до 2035 година и да стане најголемата религија во светот, покажуваат демографските проекции на Истражувачкиот центар „Пју“ (Pew Research Center). Според анализите, иако бројот на верници расте кај двете религии, муслиманската популација се зголемува значително побрзо, пред сè поради повисоките стапки на наталитет.

Во периодот од 2020 до 2025 година, муслиманките во просек раѓале по 3,1 дете, додека кај христијанките просекот изнесувал 2,5 деца. Кај жените кои припаѓаат на другите големи религиски групи, просечната стапка на плодност изнесувала 1,6 дете, што е под нивото од 2,1 дете потребно за одржување на бројноста на населението.

Според најновите проценки на „Пју“, во 2020 година во светот имало 2,27 милијарди христијани и 2,02 милијарди муслимани. Проекциите покажуваат дека до 2035 година бројот на муслимани би можел да достигне 2,57 милијарди, додека бројот на христијани би изнесувал околу 2,52 милијарди.

Доколку продолжат сегашните трендови, до 2070 година во светот би можело да има повеќе од 3,6 милијарди муслимани и нешто помалку од три милијарди христијани.

Конрад Хакет од Истражувачкиот центар „Пју“ истакнува дека наталитетот е клучниот фактор за побрзиот раст на муслиманската популација, додека преминувањето од една во друга религија и другите промени на верскиот идентитет имаат значително помало влијание.

Проекциите укажуваат и на значителни промени во верскиот состав на населението во САД и Канада.

Во САД, христијаните, кои моментално сочинуваат 62 отсто од возрасното население, би можеле да го загубат апсолутното мнозинство до 2065 година. Во Канада, нивниот удел би можел да падне под 50 отсто уште до 2030 година.

Една од главните причини за овие промени е зголемувањето на бројот на луѓе кои не се идентификуваат со ниту една религија, вклучително и атеистите и агностиците.

Според проекциите, луѓето кои не припаѓаат на ниту една религија би можеле да сочинуваат 41 отсто од населението во САД до 2070 година. Во Канада, нивниот број би можел да го надмине бројот на христијаните.

На глобално ниво, се очекува светското население да се зголеми за 29 отсто во периодот од 2020 до 2070 година. Меѓу анализираните верски групи, само муслиманите и христијаните се очекува да забележат раст еднаков или поголем од стапката на раст на светското население.

Бројот на христијани би можел да се зголеми за 30 отсто, додека муслиманската популација би можела да порасне за дури 80 отсто.

Иако се очекува бројот на хиндуисти и Евреи да се зголеми во апсолутни бројки, нивниот удел во светското население би можел да се намали.

Бројот на будисти, пак, би можел да опадне, делумно поради очекуваното намалување на вкупното население во Кина, Јужна Кореја и Јапонија.

Најголемиот дел од растот на светското население во наредните децении се очекува да се случи во потсахарска Африка, каде што мнозинството од населението го сочинуваат христијани и муслимани. Високиот наталитет и зголемувањето на очекуваниот животен век ќе придонесат за натамошен пораст на бројот на припадници на двете религии.

ИЗДВОЕНИ