Историјата на фудбалот не памети ваков скандал. На Сенегал му е одземена титулата од Африканскиот куп на нациите, а селекцијата на Мароко е прогласена за нов шампион на континентот. Финалниот натпревар е службено регистриран со победа на Мароко од 3:0.
До ваквиот епилог дојде откако беше разгледана жалбата на Мароканската фудбалска федерација, поднесена поради примената на членовите 82 и 84 од Правилникот за натпреварување. Жалбениот совет на ЦАФ ја прифати жалбата, со што беше поништена претходната одлука на Дисциплинската комисија.
Според образложението, однесувањето на сенегалската репрезентација претставувало прекршување на правилата на турнирот. Поради тоа, ѝ беше одземена титулата, а финалето службено беше регистрирано со резултат 3:0 во корист на Мароко.
Во одлуката беа опфатени и дополнителни санкции. Мароканскиот репрезентативец Саибари доби суспензија од два натпревари, од кои едниот условно, додека паричната казна од 100.000 долари му беше поништена. Мароканската федерација, пак, беше казнета со 50.000 долари поради пропусти поврзани со собирачите на топки. Жалбата за наводно мешање во ВАР-мониторите беше одбиена, додека онаа за употреба на ласери од трибините беше делумно прифатена, што резултираше со дополнителна казна од 10.000 долари.
Иако победи Сенегал со 1:0 по продолженија во финалето против домаќинот, целиот исход се смени неколку месеци подоцна, „зад зелената маса“. Клучниот момент се случи на крајот од регуларниот дел, кога судијата, по ВАР-интервенцијата, досуди пенал за Мароко. Одлуката предизвика бурни реакции, па сенегалските фудбалери, по наредба на селекторот, накратко го напуштија теренот во знак на протест.
Иако се вратија по неколку минути, пеналот беше промашен, а Сенегал подоцна славеше во продолженијата, и токму тоа напуштање на теренот се покажа како клучно. Според правилата, тимот што ќе го напушти теренот без дозвола од судијата се смета за поразен.
По жалбата на Мароко, Апелациониот совет на ЦАФ донесе одлука дека Сенегал ги прекршил правилата, поради што службено беше регистриран натпреварот со 3:0 за Мароко, кое така стана официјален шампион на Африка.
Одлуката предизвика огромен револт во Сенегал, а Федерацијата најави жалба до Арбитражниот суд за спорт (ЦАС).
Реакциите на фудбалерите беа бурни. Дефанзивецот на Лион, Муса Ниаките, порача: „Засекогаш ќе бидеме шампиони на Африка“, а подоцна објави фотографија со трофејот со пораката: „Дојдете да го земете“. Слични реакции имаа и Пате Сис и другите репрезентативци, кои отворено се потсмеваа за одлуката.
Силна реакција пристигна и од легендарниот Дидие Дрогба, поранешниот голгетер на Челзи, Марсеј…
- Вакви работи се случуваат само во Африка. Не сум сигурен дека би се случило нешто вакво на Европско првенство. Ова е срам за Африка и за фудбалот. Земја како оваа никогаш повеќе не треба да биде домаќин на фудбалски турнир. Сите знаеме дека Сенегал е вистинскиот победник – изјави Дрогба.











