Најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, ќе игра против Валентин Вашеро во првото коло од мастерсот во Париз, каде што крена рекордни седум трофеи, а директорот на овој престижен турнир, Седрик Пиолин, вели дека ова е, веројатно, последен пат кога ќе го видиме на таа сцена. Тој ги повика навивачите да уживаат во игрите на Новак, бидејќи се приближува крајот на неговата кариера.
– Мислам дека пораката е: „Да уживаме во ова максимално“. Да уживаме во Новак максимално, бидејќи ако ова не е неговиот последен настап тука, можеби е претпоследен. Тој е наш рекордер, со седум титули на „Ролекс Париз мастерс“, а да не зборуваме за 24. гренд слем титули – рече Французинот.
Ѓоковиќ се враќа во Париз по двегодишна пауза и е 10. носител, па ќе го почне натпреварувањето од првото коло, а не од второто, како што беше навикнат со години.
– Нешто невообичаено за него, што, веројатно, не му се случило многу долго време. Ова значи дека тој ќе го игра својот натпревар од првото коло в понеделник или во вторник. Ниту едно коло не е лесно, а ова, веројатно, ќе биде особено тешко, бидејќи Вашеро, кој, видовме, имаше проблеми со повредата оваа година, се врати во добра форма и со голема желба да постигне добар резултат. Тој е играч што поседува одличен квалитет. Од друга страна, Новак е некако помалку ефикасен отколку што беше пред неколку години бидејќи возраста си го зема данокот.
Ако го помине Вашеро, Новак би можел да се соочи со Лусијан Дардери во второто коло на турнирот во Париз.












