петок, јуни 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА На бензиските пумпи се точи гориво намалено за 2 денари/литар, Макоил ја...

На бензиските пумпи се точи гориво намалено за 2 денари/литар, Макоил ја спушти цената за 3 денари

5128

На бензиските пумпи во земјава од полноќ веќе се точат бензин и дизел по намалени цени од 2 денари по литар, освен на пумпите на Макоил каде што дизелот, бензинот 95 и автоплинот се со намалени цени за 3 денари по литар.

Од сите поголеми (Макпетрол, Лукоил, ОКТА-Пуцко Петрол), но и на помалите бензиски пумпи на кои што се јави весникот ВЕЧЕР, потврдија дека бензинот еуросупер 95 се продава по 84,5 денари/литар, еуросупер 98 чини 86,50 денари/литар, а еуродизелот 90 денари/литар. Нема намалување на цената на екстралесното масло, тоа и натаму се продава по 89,50 денари/литар.

Некои од компаниите веста за намалувањето ја објавија на своите веб страници, но и на фејсбук без да се прецизира до кога ќе важат намалените цени. За разлика од нив, бензиските пумпи Макоил објавија дека попустот на дизелот, бензинот 95 и на автоплинот за 3 денари/литар ќе важи до крајот на овој месец. Исто така, посочуваат дека цената може да се договори ако се купува поголема количина гориво.

„Макпетрол“ иако претходно се изјаснија дека според нив најсоодветно решение е замрзнување на набавните и на малопродажните цени на горивата, по примерот на некои европски земји, со цел да се избегнат дополнителни економски последици, сепак и тие ги намалија цените на горивата за 2 денари/литар. Oд ОКТА соопштија дека претходно најавениот попуст е применет за сите трговци на големо и мало кои набавуваат горива од ОКТА.

– Оваа придобивка е обезбедена преку кредитни одобренија издадени на 13 март 2026 или директно е пресметана во фактурите за продажба издадени на 16 март 2026, со што се овозможува негова целосна практична примена. Иницијативата е доброволна и им овозможува на трговците да ја пренесат придобивката на крајните потрошувачи. Сепак, трговците на големо и мало, имаат целосна слобода самостојно да ги одредат своите продажни цени – велат од ОКТА.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ