Домашниот ИТ-сектор веќе не бележи пораст како во изминатите години, оцени министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во телевизиско гостување. Според него, промените во глобалната економија и развојот на вештачката интелигенција создаваат сериозен притисок во оваа дејност, смета министерот, и посочи дека приватниот ИТ-сектор значително го намалил темпото на вработување, за разлика од периодот 2021–2023 година.

– Вештачката интелигенција, затворањето на определени пазари од западна Европа, притисокот на приватниот сектор… домашниот приватен ИТ-сектор не вработува како во 2021, 2022, 2023… Примањата или се намалуваат или стагнираат, и луѓето што немаат работа веќе се спуштаат на минимална плата. Но,  сега е веќе притисок на пазарот на труд, интересот да се вработат во државна администрација се зголемува – изјави Андоновски.

Сепак, статистичките податоци на Државниот завод за статистика за платите во ИТ-секторот го демантираат министерот Андоновски. Анализата на платите во секторот Информации и комуникации покажуваат дека во јануари, 2021 година, просечната нето-плата во овој сектор изнесувала 53.928 денари, за да во јануари 2023 година, порасне на 68.204 денари. Пред една година, во јануари 2025, просечната плата на информатичарите беше 80.215 денари, а годинава во јануари пораснала за 100 евра и изнесуваше 86.190 денари. Или, пак, за 5 години има пораст на просечната нето-плата од преку 32.000 денари.

Што се однесува до просечната бруто-плата (со платени придонеси за пензиско и здравствено осигурување) во истиот сектор Информации и комуникации, статистичките податоци говорат дека во јануари 2021 година газдите исплатиле 81.546 денари, во јануари 2023 година – 102.966 денари. Додека, пак, лани во јануари, просечната бруто-плата во овој сектор изнесувала 121.829 денари, а во првиот месец од оваа година – 130.847 денари, што за 5 години е пораст од околу 50.000 денари.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ