Македонски транспортни компании се измамени при договори за превоз од лажно регистрирани фирми што преземаат стока и исчезнуваат без трага. Од Асоцијацијата „Макамтранс“ укажуваат дека злоупотребите најчесто се случуваат преку транспортни берзи и компромитирани профили на легитимни компании. Од „Макамтранс“ посочуваат дека дополнителен ризик претставуваат и кражбите на товар во текот на паузите на возачите, па дури и на т.н. безбедни паркинзи. Поради тоа се апелира за засилени проверки и поголема внимателност при изборот на партнери
Македонските возачи алармираат дека се соочуваат со сериозен пораст на измамите и кражбите при организирањето и реализацијата на превозот на стока. Од Асоцијацијата „Макамтранс“ предупредуваат дека сè позачестени се случаите на ангажирање непроверени и лажно регистрирани превозници, кои по преземањето на товарот, исчезнуваат без трага.
– При ангажирањето странски превозници што се регистрирани во базите на транспортните берзи или при преземањето превоз од непознати организатори на превоз, наши возачи јавуваат дека се соочуваат со ангажирање и од фантом фирми што биле лажно регистрирани, со возила што не постојат, односно со лажни регистарски таблици, кои по преземањето на стоката за превоз ги снемува или немаат од кого да го наплатат превозот, затоа што се истовара стоката на лажна адреса. На возилото, но и на превозникот, односно организаторот на превоз му се губи секаква трага, иако претходно имаат доставено голем број документи со кои докажуваат дека се уредно регистрирани трговски друштва – укажуваат од „Макамтранс“ до своите членки.
Во „Макамтранс“ дополнително ги загрижува и злоупотребата на податоците на легитимни компании.
– Ви напоменуваме, при ангажирањето превозник или организатор на превоз, да внимавате, да ангажирате познати субјекти со кои долго соработувате, но по неколку пати да проверувате дали се истите субјекти, затоа што често има информација дека им се хакирани страните и им се злоупотребуваат податоците, особено на транспортните берзи, што дополнително ја усложнува проверката – велат од „Макамтранс“.
Оттаму апелираат компаниите да бидат исклучително внимателни при изборот на партнери и препорачуваат да се соработува со веќе познати субјекти, но и покрај тоа, да се вршат повеќекратни проверки на нивниот идентитет и на нивниот бонитет, особено кога станува збор за нова соработка.
– За да се избегнат секакви несакани случаи при вршењето превоз во патниот сообраќај, од аспект на договарање превоз со лажни превозници или корисници на превоз, како и организатори на превоз, ви препорачуваме и напоменуваме да вршите поголем број проверки пред да ја дадете довербата на некој со кој првпат почнувате соработка – се вели во апелот од „Макамтранс“.
Велат дека проверката на бонитетот на деловниот субјект овозможува побрзо, поедноставно и поефикасно деловно одлучување.
– Деталната контрола е од големо значење за да не се соочите со измама, а подоцна и со тужби и барања за надоместок на штета. Во денешни услови на интернет-конекции, проверките се полесни и возможни – додаваат од „Макамтранс“.
Покрај измамите со лажни превозници, транспортните фирми се соочуваат и со кражби на стока во текот на превозот. Особено ризични се периодите кога возачите го користат задолжителниот одмор.
– Ваши колеги се соочуваат со кражба на стока при вршење на превозот и паркирање на возилата во периодот на користење на дневниот или неделниот одмор за возачот, па дури и во случаи да е паркирано возилото на таканаречени сигурни паркинг-простори. Пломбите и бравите не се оштетени, нема сигнал за отворање на вратите од товарниот простор, а дел од стоката недостига при отворање на возилото за контрола или при истовар – ја нема – велат од „Макамтранс“.
Како дополнителен ризик се наведуваат и строгите контроли во соседните земји. Имено, во Србија, предупредуваат од Асоцијацијата, дека доколку се утврди кражба на стока при транзит, возилото може да биде задржано додека не се докаже каде е направена кражба, што носи сериозни финансиски последици за компаниите.
– Во Србија, при вршењето транзитен превоз на стока, ако утврдат со рутинска контрола дека има кражба на стока, следува запленување на возилото, сè додека не се докаже каде е направена кражба, затоа што ќе сметаат дека стоката што е украдена може да е на нивна територија и ќе бараат наплата на фискалните давачки. Проверувајте ги сите системи за безбедност, особено оние што се вградени од производителот на приклучното возило, што имаат точни податоци за какво било отворање на вратите споредено со GPS-системите, кои се манипулираат со некоја опрема што ја имаат крадците, кои не оставаат трага ни на самите пломби, „шепи“ и брави на вратите – укажуваат од „Макамтранс“.
Во услови на зголемени ризици, од Асоцијацијата повикуваат за поголема меѓусебна соработка во секторот.
– Во овие тешки услови, најмногу профитираат измамниците. Затоа најсигурна опција остануваат соработката со проверени домашни превозници и размената на информации меѓу компаниите – порачуваат од „Макамтранс“.
(С. Бл.)












