Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги отфрла тврдењата на СДСМ и Левица дека буџетското усогласување значи откажување од гасификацијата, посочувајќи дека промените се однесуваат на средствата планирани за набавка и складирање природен гас за стратешки резерви. Од Министерството објаснуваат дека реализацијата на овие средства зависи од можноста за обезбедување транспортен капацитет до земјава, при што ограничената достапност на прекуграничните капацитети кон Бугарија влијае врз планираната динамика на набавката.

Според Министерството, буџетските усогласувања треба да се оценуваат согласно со намената на средствата, условите за нивно користење и реалните можности за реализација во тековната година. Оттаму нагласуваат дека промената во потпрограмата „Гасификација“ не значи автоматско кратење на средствата за изградба на гасоводната инфраструктура, ниту откажување од стратешките планови за поврзување со регионалните гасоводни системи.

Како потврда за продолжувањето на активностите се наведува изградбата на интерконекторот со Грција, подготовката на гасното поврзување со Србија и работите за оспособување на веќе изградените домашни гасоводни делници. Министерството и НОМАГАС работат на подобрување на сигурноста на снабдувањето и обезбедување пристап до различни извори на природен гас.

На интерконекторот со Грција, кој на македонска територија треба да биде долг 68 километри, градежните активности се во тек. Според проектните податоци од 19 октомври, досега се испорачани 64 километри цевки, заварени се 43 километри, а 18 километри се спуштени во ров. Експропријацијата е реализирана во обем од 97 проценти. Договорот за изградба е склучен на 7 мај 2025 година, а завршувањето е планирано за средината на 2027 година. Финансирањето опфаќа инвестициски грант и заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Интерконекторот треба да овозможи дополнителни можности за снабдување и поголема сигурност на гасниот систем.

Во меѓувреме, продолжуваат подготовките за интерконекторот со Србија, предвиден во должина од 23 километри на македонска територија. По склучувањето на договорот на 27 август 2026 година, започнати се активностите за утврдување на трасата и проектирање. Проектот е предвидено да се финансира со сопствени средства на НОМАГАС.

Паралелно, се спроведуваат технички подготовки за пуштање во употреба на делниците Клечовце – Неготино и Неготино –Битола, преку сервисирање, проверка на интегритетот и сушење. Потоа активностите треба да продолжат и на делницата Скопје – Тетово – Гостивар. Трите делници имаат вкупна должина од 277 километри. Од Министерството оценуваат дека реализацијата на овие проекти треба да се следи преку конкретниот напредок, договорите и исполнувањето на техничките услови, со цел безбедно ставање на инфраструктурата во функција и обезбедување посигурно и поразновидно снабдување со природен гас.

ИЗДВОЕНИ