Македонските аеродроми бележат значителен пораст на патничкиот сообраќај. Од 1 јануари до 25 октомври 2026 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ опслужиле вкупно 3.651.073 патници, што претставува зголемување од 28 % во споредба со истиот период минатата година, соопшти ТАВ Македонија. Во првите десет месеци биле реализирани 24.232 летови, односно 10 % повеќе во однос на 2025 година. Позитивниот тренд продолжил и во октомври, кога двата аеродрома опслужиле 321.953 патници, што е раст од 24 %. Во истиот период биле реализирани 2.085 летови, или 9 % повеќе.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оценува дека зголемениот сообраќај ја потврдува важноста на македонскиот пазар и потребата од понатамошно проширување на воздушната поврзаност. Компанијата, како што наведува, работи на привлекување нови авиопревозници и воведување дополнителни дестинации.

– Еден од главните приоритети на ТАВ Македонија е долгорочниот развој и унапредување на авиосообраќајот, преку продлабочување на партнерствата со авиокомпаниите што веќе оперираат на македонскиот пазар, привлекување нови авиопревозници и зголемување на бројот на дестинации достапни од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. За остварување на овие цели, континуирано ги претставуваме можностите и потенцијалите на македонскиот пазар на меѓународните саеми за авијација и туризам на кои учествуваме како дел од ТАВ Аеродроми, но и преку директни контакти и иницијативи кон авиокомпании од целиот свет – истакна Курт.

Во таа насока, претставници на ТАВ Македонија, заедно со ТАВ Аеродроми и групацијата АДП, учествувале на меѓународниот саем Routes World 2026 во Франкфурт, каде што разговарале со авиокомпании за можностите на македонските аеродроми.

– Токму изминатите неколку дена, ТАВ Македонија заедно со ТАВ Аеродроми и групацијата АДП присуствуваше на Routes World 2026, еден од главните саеми за авијација, кој се одржа во Франкфурт, каде што одржавме состаноци со авиокомпании, презентирајќи им го потенцијалот на македонските аеродроми. На овој начин постојано работиме на зголемување на нивниот интерес за македонскиот пазар и создавање услови за воспоставување нови авиолинии. Веруваме дека развојот на воздушната поврзаност има значајна улога во поттикнувањето на туризмот, бизнисот и економските активности во земјата. Затоа, нашите напори се насочени кон тоа двата аеродрома да одговорат на потребите на пазарот, да останат атрактивни за авиопревозниците и да обезбедат сè поголем избор на можности за патниците кои патуваат од и до Македонија – изјави Курт.

Зимскиот распоред на летање, кој започна на 25 октомври и ќе трае до 27 март 2027 година, предвидува вкупно 56 дестинации со 17 авиокомпании. Од Скопје ќе бидат достапни 45 редовни и седум чартер-дестинации, додека од Охрид ќе се лета до четири дестинации.

Зимски распоред на летови за 2026/27 од Меѓународен Аеродром Скопје:

Дестинации и авиокомпании:

Атина – Aegean Airlines
Белград – Air Serbia
Истанбул (Сабиха Гокчен) – AJet
Виена – Austrian Airlines
Цирих – Chair Airlines и Edelweiss
Загреб – Croatia Airlines
Женева – EasyJet
Истанбул (Сабиха Гокчен), Измир – Pegasus Airlines,
Анталија и Измир – Sun Express
Истанбул – Turkish Airlines

Wizz Air – Барселона, Бари, Базел-Милуз, Бергамо, Берлин, Болоња, Братислава, Брисел-Шарлероа, Будимпешта, Келн, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт-Хан, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Баден-Баден (Карлсруе), Љубљана, Мадрид, Малме, Малта, Минхен-Меминген, , Неапол, Нирнберг, Осло-Сандефјорд, Париз-Бoве, Прага, Рим Фјумичино, Стокхолм, Штутгарт, Венеција-Тревизо, Лондон-Лутон.

Чартер летови: Freebird Europe – Брисел/Марсеј, Минхен/Виена, Берлин/Хамбург, Диселдорф/Франкфурт, Париз, Манчестер/Лондон, Стокхолм/Гетеборг

Зимски распоред на летови за 2026/27 од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид:

Дестинации и авиокомпании: Цирих – Edelweiss и Chair Airlines,
Дортмунд, Мулуз, Мемингем – Wizz Air

Од ТАВ Македонија посочуваат дека развојот на воздушниот сообраќај се очекува да придонесе за туризмот, бизнисот и економските активности во земјата.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ