Државата интензивно работи на инфраструктурниот развој со цел создавање подобри услови за привлекување нови странски инвестиции и задржување на постојните компании, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на средбата со претставници на Германската стопанска комора и Македонско-германското стопанско здружение, нагласувајќи дека Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија.
Николоски посочи дека инфраструктурните проекти се меѓу главните приоритети на Владата, а значителен дел од капиталните инвестиции се насочени кон изградба и модернизација на патната и железничката мрежа. Според него, подобрата инфраструктура ќе придонесе за поголема конкурентност на економијата и создавање поповолна деловна клима за странските инвеститори.
Во фокусот на планираните активности е железничкото поврзување на Коридорот 8, вклучително и третата делница кон Бугарија. За проектот е објавен тендер преку системот за јавни набавки на Европската Унија, со рок од четири месеци за подготовка на понудите. Николоски изрази очекување германските компании да се вклучат во тендерската постапка. Железничкиот коридор предвидува модернизација на пругата од Скопје преку Јегуновце, Тетово и Гостивар, продолжување кон Кичево и изградба на нова делница кон Охрид, Струга и границата со Албанија.
Дополнително, за следната година се најавуваат два експресни патишта во источниот дел на државата, доколку се обезбедат потребните финансиски средства. Првиот треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево со бугарската граница, а вториот Радовиш, Струмица и Ново Село со соседната земја. Владата очекува овие инвестиции да ја подобрат регионалната поврзаност и да отворат нови можности за економски развој.












