Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека израелските напади врз Иран се запрени „засега“ и предупреди дека Израел ќе одговори доколку нападите од Техеран и либанското милитантно движење Хезболах се повторат.
Во своето прво јавно обраќање откако синоќа беа разменети воздушни напади со Иран, Нетанјаху рече дека засега ќе ги прекине нападите врз Иран, но дека борбата против Техеран и Хезболах „не е завршена“ и дека Израел ќе продолжи да одговара на сите напади на своја територија, објави „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху во видео изјава рече дека им наредил на Израелските одбранбени сили (ИДФ), откако Иран синоќа го нападна Израел во поддршка на Хезболах, „да напаѓаат воени и економски цели низ целиот Иран“.
„Во моментов, огнот на овој фронт е запрен, бидејќи откако беше погоден терористичкиот режим во Техеран, тој престана да нè напаѓа“, рече Нетанјаху, објави „Танјуг“.
„Денес, Иран и Хезболах се послаби од кога било, а ние сме посилни од кога било. Но, нашата борба против нив не е завршена“, рече израелскиот премиер.
Тој додаде дека израелската војска ќе продолжи да дејствува во јужен Либан, со цел да „ја уништи целата терористичка инфраструктура на Хезболах“ во безбедносната зона, вклучувајќи ги и масивните подземни објекти во сртот на тврдината Бофорт.
„Во текот на изминатиот ден, Иран и Хезболах се обидоа да ни наметнат нова равенка. Таа равенка е неподнослива и целосно неприфатлива за мене. Тие мислеа дека можат да извршат напади од Либан и Иран врз Израел, а ние нема да дејствуваме. Тоа не се случило и нема да се случи. Не за време на мојот мандат“, предупреди Нетанјаху.
Тој рече дека ја пренел оваа порака до американскиот претседател Доналд Трамп, кој во последните денови постојано врши притисок врз Израел да ја деескалира ситуацијата со цел да се одржат тековните преговори меѓу САД и Иран за мировен договор.
„Израел има целосно право на самоодбрана и ние ќе го искористиме тоа право секогаш кога е потребно. Ви го кажувам ова, драги граѓани на Израел, исто како што го кажувам во моите добри разговори со мојот пријател претседателот Трамп“, заклучи Нетанјаху.












