Институциите и одговорните лица што ќе ги игнорираат препораките на Државниот завод за ревизија ќе се соочат со прекршочни казни. Ова го предвидува новиот Закон за државна ревизија, со кој се воведува поголема одговорност за непостапување по утврдени неправилности.
Главниот државен ревизор, Максим Ацевски, појаснува дека ќе има санкции за институциите што нема да подготват план за спроведување на препораките, но и за оние што нема да ги реализираат најавените активности. Според новите законски решенија, институциите ќе имаат рок од 30 дена од добивањето на конечниот ревизорски извештај да подготват план со конкретни активности и рокови за нивно спроведување.
Државниот завод за ревизија ќе има можност да побара дополнителни корекции на планот, а потоа ќе проверува дали навистина се реализирани најавените мерки.
Ацевски нагласува дека ќе се доставуваат извештаите за препораките и за преземените активности и до Собранието и до надзорните органи, со цел да се обезбедат поголема контрола и отчетност. Целта на законските измени е да се спречи препораките на ревизорите да останат само на хартија.












