Од денеска стапија во примена нови правила во домашниот платен промет, со кои ќе се користат банкарските сметки во меѓународниот ИБАН-формат. Пред досегашниот број на сметката ќе се додава ознаката „МК07“, но тоа не значи дека граѓаните добиваат нови сметки или дека треба да отворат нови.
Промената е, пред сè, техничка и има цел усогласување на домашниот платен систем со европските и со меѓународните стандарди. Парите остануваат на истите сметки, а граѓаните ќе продолжат непречено да ги користат мобилното и електронското банкарство, банкоматите и филијалите. Нема потреба од посета на банка, потпишување нови договори или повторно активирање на сметките.
Ќе има новина и кај платните налози. Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 ќе бидат заменети со нови, стандардизирани налози, достапни и во хартиена и во електронска форма. Ќе се променат и шифрите за означување на целта на плаќањето, кои наместо нумерички, ќе бидат четиризнаковни ознаки.
Банките самостојно ќе ги приспособат своите системи, а кај дел од нив бројот на сметката и понатаму ќе може да се внесува како досега, со автоматска конверзија во ИБАН-формат.
Поголемо приспособување ќе биде потребно кај компаниите што користат сметководствени програми и системи за масовно плаќање. За граѓаните, сепак, најважно е дека сметките и средствата остануваат исти, а се менува само начинот на нивно означување при плаќање.












