четврток, август 13, 2026
Дома СКОПСКА „Нешто што ќе остане“ – роденденска забава за сите генерации центарци

„Нешто што ќе остане“ – роденденска забава за сите генерации центарци

18

Скопје се подготвува за уште една вечер за паметење.

В сабота, 12 септември 2026 година, од 20:00 часот, Паркот на франкофонијата ќе биде епицентар на четвртото последователно издание на традиционалниот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“, кој годинава се одржува во духот на големиот јубилеј: 50 години од формирањето на Општина Центар.

Општина Центар и понатаму е единствената општина што преку овој настан недвосмислено ја застапува и поддржува домашната култура, ангажирајќи исклучиво македонски уметници и музички изведувачи. Преку оваа традиција, во фокус остануваат промоцијата и поддршката на македонската музичка сцена и домашниот автентичен звук.

Годинава, на настанот ќе учествуваат гигантите на домашната урбана сцена. Публиката ќе има ретка можност да ужива во ексклузивниот скопски настап на популарното дуо „Дупер“, а енергијата до максимум ќе ја кренат Слаткар, еден од највлијателните хип-хоп артисти на нашите простори, и хитмејкерите „2 Бона“. Покрај нив, сцената ќе ја збогатат и извонредните вокали Лина Пејовска и Барбара Поповиќ.

Диригентската палка на целовечерната програма ќе биде во рацете на омилениот и незаменлив македонски актер, Сашко Коцев. Со своите препознатлив хумор, непосредност и уникатен шарм, тој ќе се погрижи за атмосферата меѓу настапите и ќе ја води публиката низ сите изненадувања на оваа јубилејна вечер.

– Овој хепенинг е подарок за сите жители на Центар и на Скопје – вечер посветена на заедништвото, позитивната енергија и на поддршката на нашите музички таленти – вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Од Општина Центар велат дека со „Нешто што ќе остане“ ќе се забавуваат сите генерации и ги покануваат граѓаните заедно да го прослават овој важен јубилеј и да се создаде уште една вечер што ќе се памети.

ИЗДВОЕНИ