Со повеќе од пет децении присуство пред филмската камера, Петре Арсовски е едно од препознатливите актерски лица на македонската кинематографија. Неговата филмографија опфаќа и бројни филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Џипси меџик“, „Збогум на 20-тиот век“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Караула“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Златна петорка“ и „Лена и Владимир“. Наградата ќе му биде врачена на свеченото отворање на годинашното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, на 19 септември во Битола
Познатиот филмски, телевизиски и театарски актер, Петре Арсовски, е годинашниот добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Наградата на Арсовски ќе му биде врачена на свеченото отворање на годинешното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, на 19 септември во Битола.
Со повеќе од пет децении присуство пред филмската камера, Петре Арсовски е едно од препознатливите актерски лица на македонската кинематографија. Неговата кариера започнува во раните седумдесетти години и се протега низ различни периоди од развојот на македонскиот филм, оставајќи зад себе голем број улоги кои се дел од неговата историја.
Филмската кариера Арсовски ја започнува во 1971 година во „Македонскиот дел од пеколот“ во режија на Ватрослав Мимица. Во годините што следуваат игра во „Истрел“ на Бранко Гапо, „Јад“ на Кирил Ценевски, „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо и „Пресуда“ на Трајче Попов, а во 1980 година ја толкува главната улога на Петре Ќушко во „Време, води“ на Бранко Гапо.

Следуваат улоги во бројни филмови кои одбележаа различни периоди од македонската кинематографија, меѓу кои „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Џипси меџик“, „Збогум на 20-тиот век“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Караула“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Златна петорка“ и „Лена и Владимир“. Неговата филмографија опфаќа и бројни филмски и телевизиски продукции во земјите од регионот и пошироко.
За својата повеќедецениска работа Арсовски е добитник на бројни признанија, меѓу кои државната награда „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста, наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.
Со доделувањето на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, ДФРМ му оддава признание на Петре Арсовски за неговиот исклучителен и траен придонес кон македонската кинематографија, за повеќедецениското присуство во македонскиот филм и за бројните актерски остварувања со кои неговото име стана нераскинлив дел од неговата историја.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ДФРМ ја востанови во 2013 година, а нејзини досегашни добитници се Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, Сајмон Пери, продуцентската куќа „Вардар филм“, Милица Стојанова, Љупчо Константинов, Столе Попов, Северџан Бајрам, Горјан Тозија – Медо, Лабина Митевска, Димитар Грбевски и Кирил Џајковски.
Инаку, Арсовски (роден 1945, с. Мокрени, Велешко), дипломира актерска игра во 1974 година на ФДУ, во класата на проф. Илија Милчин. Тој е долгогодишен член на ансамблот на МНТ, каде работи од 1974 до пензионирањето 2009 година и има остварено бројни театарски улоги, но и потоа прифаќа и игра во претстави од репертоарот на театарот. Негови театарски улоги од последните неколку години во МНТ се Чичко Јакоб во „Разговор во четири очи“ од Бергман, 2015, Петар Николаевич Сорин во „Галеб“ од Чехов, 2018, Мортен Кил во „Народен непријател“ од Ибзен, 2022 – сите три во режија на Нина Николиќ, како и Везан и Рабинот во „Сите сме птици“ од Важди Муавад, режија на Слободан Унковски, 2022. Од неговите телевизиски скорешни улоги се издвојуваат Газда Киро во српската ТВ серија „Сенки над Балканот“ во режија на Драган Бјелогрлиќ, 2017 и Таткото на Владо во македонската ТВ серија „На терапија“ во режија на Вардан Тозија, 2017, но македонската публика го препознава и од ТВ сериите: „Волшебното самарче“, „Бушава азбука“, „Трст виа Скопје“, „Во светот на бајките“, „Македонски народни приказни“, „Заведени“.
Во дамнешно интервју за весникот ВЕЧЕР, Арсовски вели дека со актерството имаш впечаток дека живееш повеќе животи.
– Тоа е твоето богатство кое го имаш. Го живеам и Петар Николајевиќ, и Кирилов, живеам убиец, терорист, вљубеник, и анализирајќи ги тие ликови, доаѓајќи до резултатите кои мораш да ги направиш на сцена, ти како да си поминал еден друг живот. Како да знаеш како му е на тој другиот. Нешто што на другите луѓе ретко им се случува, можеби само кога гледаат филмови, читаат книги или слушаат музика, но тоа се само мигови, а актерот работи цел живот со други ликови, и подолго време го живее тој лик. Се чувствуваш како да си изгубил дел од својот живот, како тој лик да откинал дел од тебе, кажа Арсовски. (Н. И. Т.)












