– Мојата желба кон иконописот се роди кога почнав да ги посетувам манастирите и да го наоѓам спокојот во старите византиски фрески. Мојата прва икона на која работев беше Пресветата Богородица. Се сеќавам дека не беше мала – околу 70х50 см и ја сликав со огромна посветеност, љубов, и внимание. Додека ги сликам иконите, чувствувам големо смирение, како и длабоко мистично чувство, кое не може да се опише со ниту еден збор. Во мене се буди духовниот свет и ме носи во целосно друга димензија, вели Буровски во разговор за весникот ВЕЧЕР
За некого, иконата е само слика, но за академскиот сликар и иконописец, Мартин Буровски, таа е многу повеќе – тивок разговор со духовниот свет, молитва преточена во боја, но и пат кон едно поинакво, подлабоко разбирање на верата и традицијата. Токму со дваесет и осумгодишниот Буровски, чие детство било обележано со тешка семејна трагедија поради која од Русиново, Беровско, бил донесен во Скопје, во пресрет на празникот „Св. Богородица“ разговаравме за уметноста, иконописот, вербата и верата. Неговата љубов кон уметноста се родила токму во еден од најтешките периоди од неговото детство, додека престојувал во „СОС Детското село“. Она што започнало како детска љубопитност и потреба за творење, со текот на годините прераснало во љубов, а потоа и во животен повик – академското сликарство и иконописот. Со Буровски за весникот ВЕЧЕР, меѓу другото, разговаравме и за потребата да се сочува оваа древна традиција во време кога брзото темпо на животот и дигитализацијата оставаат сè помалку простор за духовниот живот.

Љубовта кон иконописот
– Роден сум во градот Берово, но по тешката фамилијарна трагедија, со мојот постар брат нè донесоа во Скопје, каде што го завршив основното, средното, како и факултетот. Желбата за уметност ми се роди уште кога живеев во Домот, таму се појави сета желба за креативност не само кон цртањето туку и кон плетењето, везењето и изработката на рачните ракотворби. Завршив во средно уметничко на одделот за дизајн на облека и текстил, потоа моето школување го продолжив на ликовната академија во Скопје на одделот за класично сликарство, ја започнува својата приказна Буровски.
Но, покрај академското сликарство, во неговиот живот сè посилно почнал да навлегува еден друг, поспецифичен свет – светот на иконописот.
– Мојата желба кон иконописот се роди кога почнав да ги посетувам манастирите и да го наоѓам спокојот во старите византиски фрески. Мојата прва икона на која работев беше Пресветата Богородица. Се сеќавам дека не беше мала – околу 70х50 см и ја сликав со огромна посветеност, љубов, и внимание. Додека ги сликам иконите чувствувам големо смирение, како и длабоко мистично чувство кое не може да се опише со ниту еден збор. Во мене се буди духовниот свет и ме носи во целосно друга димензија, вели Буровски.
Токму тоа чувство на смирение е една од нишките што се провлекуваат низ неговиот однос кон иконописот.
Иконата не е само религиозна слика
За Буровски, ликот на светецот не е само ликовна претстава, а иконата не е само религиозна слика.
– Кај иконите на светците ме привлекува едноставниот и нежен поглед, а понекогаш и малку строг, со цел да ја назначат сериозноста на верата. Ме привлекува едноставниот нежен пристап на изработката на драперијата, како и на орнаментите, објаснува тој.
Според Буровски, суштинската разлика меѓу иконата и религиозната слика се наоѓа во нејзината духовна и канонска природа.
„Иконата, за разлика од религиозната слика, содржи светост и се слика според византиските канони, додека во религиозната слика е претставена мајсторијата на еден уметник и има повеќе уметнички и ликовен карактер“, вели иконописецот.
Токму затоа, смета тој, човекот кој се занимава со иконопис мора да ја познава духовната традиција од која произлегува оваа уметност. За Буровски, верата и иконописот не се две одделни нешта. На нашето прашање дали човек може да создава добра икона без да има вера, ни одговори: „Еден од клучните фактори што иконописецот мора да ја поседува, е да ја познава православната духовна традиција, како и самата вера, редовно да посетува богослужби и редовно да се причестува и да води живот со исповед кај духовен отец“.

Во неговото творештво, посебно место има Пресвета Богородица. Нејзиниот лик го привлекува токму поради мајчинската нежност и односот со Христос.
– Мојата омилена икона за сликање е иконата на Пресвета Богородица, бидејќи се работи за два лика – Исус и Богородица. Пред сè, сакам да ја сликам таа икона бидејќи е изразено нежното, грижливо чувство кон мајчинството, вели Буровски.
Но, зад таа нежност стои сложена техника и долг процес. Иконата не настанува за миг, туку постепено, низ низа внимателни фази во кои секој материјал и секој потег имаат свое значење.
– Секој дел е тежок, особено подготовката доколку ние, иконописците, самите си ја подготвуваме. Дрвото треба да биде две години старо за да се направи штицата. Таа треба да биде мазна и треба да се нанесат неколку слоја на грунд и да биде измазнета како стакло за да не се познаваат никаде линии или некакви грутки.
Дури откако подлогата е совршено подготвена, започнува вистинското сликање. „Потоа се нанесува цртежот и внимателно, со тенка и нежна четка, почнуваат да се сликаат покрупните делови како што е драперијата, па ликот, и на крајот, се позлатува и се пишуваат имињата на светителите, објаснува Буровски.
Секоја боја во иконата, пак, вели, има своја значајна теолошка подлога.
– Најчесто се користат три до четири нијанси во драпериите додека во ликовите се користат многу транспаренти за да се добие таа нежност и мекост, а златната боја го симболизира Божјото Царство бидејќи златната боја ја нема третата димензија, не создава сенка, вели тој.
Неговата посветеност кон иконописот го однела и во Русија, на островот Валаам. Но, патувањето таму не било само желба за усовршување на ликовната техника. За него тоа било можност да се доближи до монашкиот живот и до средината во која православната духовност се живее секојдневно.
– Во Русија не бев само да учам иконопис, туку и да го видам и проучам монашкиот манастирски живот, од каде што е изворот на православната вера, а тоа се манастирите, вели тој.
Буровски смета дека иконописот не може да се совлада на едно место и од еден учител. Знаењето се гради постепено и се наследува од повеќе мајстори.
– За иконописот можам да кажам дека не се учи на едно место. Тој се учи и се наследува од повеќе мајстори на тој занает. Кај некој се учи за подлогите, кај некои за боите, а кај други може да се научат различни техники за позлатување, објаснува Буровски.

Вечна порака
Во време кога дигиталната технологија, фотографијата и вештачката интелигенција стануваат дел од секојдневието, се поставува прашањето дали рачно насликаната икона сè уште има исто место и значење.
За Буровски, одговорот е недвосмислен.
– Секогаш ќе има потреба за рачно насликана икона, бидејќи само таа ја носи вистинската суштина на православната догма и традиција, вели тој.
Сепак, забележува дека денес економските услови и намалениот број уметници заинтересирани за иконописот придонеле за појава на поинакви форми на икони.
– Поради поскапувањето на рачно насликаните икони, како и намалениот број на заинтересирани уметници да работат иконопис, се појавија кашираните икони, испечатени и залепени на лесонит или медијапан, вели Буровски.
Но, за него, иконата не е само материјален предмет кој треба да го украси просторот. Таа во себе носи порака, а таа порака е вечна.
– Секоја икона има теолошко и библиско значење, како и порака, а пораката е секогаш евангелска – возљуби го Бог со сето свое срце, ум и душа и возљуби го својот брат како самиот себеси и ниту еден нема да биде лишен од ниту една есхатолошка перспектива на црквата, вели Буровски.
Во таа мисла, можеби најдобро се собира и неговото разбирање на иконописот. Уметноста не е одвоена од духовноста, а убавината не е само во она што се гледа со очите. Таа се наоѓа и во времето, трпението, молитвата и во посветеноста вложени во создавањето.

Од детската желба за цртање и ракотворби, преку академското сликарство, до византиските фрески, манастирите и иконописот, патот на Мартин Буровски е пат на постојано трагање. Трагање по техника, но и по смисла; по совршена линија, но и по духовна длабочина. И додека неговата четка внимателно го гради ликот на светителот, на дрвената штица постепено се појавува нешто што за него е многу повеќе од слика. Се појавува сведоштво за една древна традиција која, и покрај забрзаното современо време, сè уште живее. И можеби токму тука е најголемата сила на иконописот – во неговата способност да го забави човекот, да го повика на тишина и да му понуди миг во кој наместо кон екранот, погледот ќе го насочи кон нешто подлабоко. Кон верата. Кон љубовта. Кон себе. А во срцето на таа тивка уметност останува она што Мартин Буровски го чувствува секогаш кога ќе ја земе четката во рака – смирението и необјаснивото чувство дека може да се допре еден свет кој не се гледа, но длабоко се чувствува. И токму во таа човечка рака, која со часови и денови внимателно ја следи секоја линија, се крие една од најголемите вредности на иконописот. Во него нема простор за брзање, ниту за површност. Секој потег на четката е дел од внимателно граден процес во кој уметникот истовремено го совладува материјалот, но и самиот себе.

Со својот сон, еден ден да слика икони и фрески во храмовите во нашата земја и пошироко, Буровски продолжува по својот пат, истовремено останувајќи посветен и на пренесувањето на убавината на уметноста на помладите генерации. Во светот во кој сè се создава сè побрзо, можеби токму иконописот нè потсетува на нешто едноставно, но заборавено – дека за вистинската убавина се потребни време, трпение, посветеност и тишина. (Д. Т.)












