четврток, септември 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нема да има грозје ниту за вино ниту за ракија, сушата го...

Нема да има грозје ниту за вино ниту за ракија, сушата го погоди, градот го дотепа

Градот и силниот ветар оштетија гроздови, ластари и листови, а сушата и проблемите со откупот дополнително ја влошуваат состојбата во земјоделството. По невремето, лозарите стравуваат од дополнителни загуби поради пукање и гниење на зрната. Ако продолжат дождовите, а винарниците и понатаму не го откупуваат црното грозје, земјоделците стравуваат дека годинава ќе нема доволно род ниту за вино ниту за ракија. Во исто време, тутунарите пријавуваат штети и до 100 отсто, додека производителите на пиперки се жалат дека не се почитува договорената откупна цена од 30 денари за килограм

0

– Сушата го погоди, а градот го дотепа грозјето – вака земјоделците ја опишуваат состојбата со годинашниот род по силното невреме проследено со дожд, силен ветер и со град, кое предизвика сериозни штети кај лозовите насади и кај другите земјоделски култури во повеќе региони во земјава. Невремето дојде во особено чувствителен период, непосредно пред почетокот на масовниот гроздобер, дополнително зголемувајќи ја неизвесноста кај лозарите, кои и без тоа се соочуваат со суша, проблеми со откупот и со притисоци врз откупните цени. Ако продолжат дождовите, а винарниците и понатаму не го откупуваат црното грозје, земјоделците стравуваат дека годинава ќе нема доволно род ниту за вино ниту за ракија.

Според првичните информации од терен, најсериозни штети на лозовите насади има на подрачјата околу Берово, Гевгелија, Валандово, Радовиш и Пробиштип, но дополнително оштетување е регистрирано и во Кавадаречко-неготинскиот Регион. Градот и силниот ветер оштетија гроздови, ластари и листови, а механички оштетените зрна се соочуваат со зголемен ризик од пукање и од појава на гниење. Последиците може да бидат дополнително намалување на приносот и влошување на квалитетот и шеќерноста на грозјето.

– Сега имаме два проблеми. Од една страна, е сушата, која ги намали приносите на речиси сите земјоделски култури, а, од друга страна, е градот, кој предизвика сериозни штети кај лозовите насади и кај другите овошки. Сушата го погоди, а градот го дотепа грозјето – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Каракашев посочува дека состојбата во Кавадарци и во Неготино е дополнително отежната бидејќи дел од црните сорти сè уште не се обрани, а, како што вели, некои винарници не го преземаат грозјето. Дополнителен проблем се и притисоците врз откупните цени и, според него, непочитувањето на гарантираната минимална цена од страна на одредени винарници.

– Грозјето во моментов е технички зрело, но градот и дождот дополнително ќе ја влошат состојбата. Поради оштетувањето, може да дојде до пукање на зрната и до појава на болести, а дождот може да влијае и врз намалување на шеќерноста. Во исто време, имаме постојани притисоци за намалување на цената и не се почитува гарантираната минимална цена од страна на некои винарници. Затоа бараме поголеми контроли од страна на инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат – вели Каракашев.

Покрај лозарите, невремето предизвика штети и кај производителите на други земјоделски култури. Во Пелагонија е пријавено оштетување на пиперките, тутунот и на други посеви. Во Струмичко, пак, штетите од невремето се помали, меѓу другото и поради тоа што значителен дел од производството се одвива под пластеници.

Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица, вели дека во овој регион поголем проблем од штетите од невремето е кризата со откупот на ајварската пиперка. Иако во август била договорена откупна цена од 30 денари за килограм за прва и за втора класа, земјоделците, според Велков, на терен добиваат значително помалку.

– Проблемот е што не се почитува договорената откупна цена за ајварската пиперка. Иако во август беше постигнат договор за откупната цена, тој не се почитува на терен. Цената драстично падна и сега никој не дава повеќе од 20 денари за килограм. Откупувачите вештачки ја намалуваат класата на пиперката за да ја платат по пониска цена. Одредени откупни центри целосно го запираат или го ограничуваат откупот под изговор дека не одговара квалитетот, оставајќи го родот да скапува на нивите – вели Велков за ВЕЧЕР.

Според него, ваквата состојба предизвикува масовно незадоволство кај земјоделците и повторно ги актуализира најавите за протести и блокади доколку не се најде решение за откупот и за цената на пиперката.

Невремето од 24 август, проследено со силен дожд, ветер и со град, предизвика значителни штети и во Општина Долнени, каде што најмногу настрада тутунот. Според Сојузот на земјоделските здруженија, на одредени површини штетите се движат од 50 до дури 100 проценти.

Поради последиците од невремето, се очекува годинашниот род на тутунот да биде значително помал од првичните процени. Наместо планираните околу 30.000 тони, од Сојузот очекуваат производството да се движи меѓу 25.000 и 26.000 тони.

Земјоделските здруженија повторно го отвораат и прашањето за осигурување на земјоделското производство. Тие бараат промена на постојниот модел и враќање на практиката според која со склучување на договорите за производство автоматски би се осигурувал и родот.

Дополнително, се предлага осигурителните компании да добиваат лиценца за работа под услов да преземат обврска да осигуруваат најмалку пет проценти од земјоделските површини во земјава. Според земјоделците, на овој начин би се обезбедила поголема заштита од последиците од сè почестите суши, град, поројни дождови и други природни непогоди.

До крајниот рок, 1 септември, земјоделците поднеле 154 барања за процена на штетите предизвикани кај тутунот и кај црвената пиперка – ајварка.

За лозарите, пак, наредните денови ќе бидат клучни. По невремето, потребно е навремено да се проценат штетите и да се преземат соодветни агротехнички мерки за да се спречат гниење на оштетените зрна и натамошно намалување на квалитетот на родот. На насадите каде што е грозјето во технолошка зрелост, земјоделците ќе мора внимателно да проценат дали е поисплатливо да се пристапи кон забрзана берба пред дополнително да се зголемат последиците од оштетувањето.

За земјоделците, сепак, останува отворено прашањето кој ќе ги покрие загубите – природата веќе го намали родот, а ниските откупни цени и проблемите со преземањето на производите дополнително го загрозуваат нивниот приход.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ