четврток, септември 3, 2026
Дома СКОПСКА „Нешто што ќе остане“ со македонски артисти во Паркот на франкофонијата 

„Нешто што ќе остане“ со македонски артисти во Паркот на франкофонијата 

1

В сабота, на 12 септември, во Паркот на франкофонијата, со почеток во 20:00 часот, ќе биде центарот на големиот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“, кој по четврти пат се организира од Општина Центар.

Годинашното издание се одржува во годината кога Општина Центар одбележува голем јубилеј – 50 години од своето постоење, а по тој повод е подготвена музичка програма со познати имиња од домашната сцена.

На сцената во Паркот на франкофонијата ќе настапат Слаткар, Дупер, Барбара Поповиќ, Лина Пејовска и „2 Бона“, кои ќе бидат дел од големата музичка вечер со која Центар, заедно со граѓаните, ќе го прослави својот 50-годишен јубилеј.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на денешната прес-конференција истакна дека јубилејот е уште една причина Центар годинава да ги собере сите генерации на едно место и да го прослави со македонска музика и домашни артисти.

– Оваа година е навистина посебна за Центар – славиме 50 години од нашата општина. Половина век Центар, половина век приказни, генерации, култура и настани што оставиле свој белег. Затоа, овој голем јубилеј сакавме да го одбележиме онака како што му доликува – заедно со нашите граѓани и со најдоброто од македонската музичка сцена. „Нешто што ќе остане“ го организираме по четврти пат и особено ми е драго што токму годинава имаме навистина силна програма. Од самиот почеток имавме една јасна идеја – нашите настани да бидат простор за македонските музичари, уметници и автори. Имаме одлични домашни артисти и наша обврска е да ги поддржуваме, да им даваме сцена и публика и да покажеме дека го цениме она што го имаме дома. Тоа е нешто на што сум особено горд и нешто по што сакам Центар да продолжи да се издвојува – изјави Герасимовски.

Тој ги покани сите центарци, но и сите скопјани, на 12 септември да бидат дел од музичката вечер и заедничката прослава.

– Сакам Паркот на франкофонија да биде полн со луѓе од сите генерации. Да пееме, да се дружиме и заедно да прославиме 50 години Центар. На крајот, токму тоа е и суштината на овој настан – да создадеме убави моменти и спомени, нешто што навистина ќе остане – порача Герасимовски.

ИЗДВОЕНИ