Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека во текот на следната недела пратеничката група на социјалдемократите повторно ќе поднесе законски предлог за зголемување на минималната плата од сегашните 26.000 на 36.000 денари, односно околу 600 евра.
Филипче, пред Собранието, порача дека има средства во буџетот за реализација на ова зголемување. Паралелно, предлогот предвидува и субвенционирање на придонесите за здравствено и пензиско осигурување за приватниот сектор над актуелниот износ на минималната плата.
Лидерот на СДСМ беше дециден дека има средства и, според него, тие може да се обезбедат доколку се откаже власта од, како што рече, непотребните луксузни ставки во буџетот, меѓу кои и набавката на нов владин авион.
Според Филипче, со зголемувањето на минималната плата ќе се помогне во подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, особено во пресрет на есента и зимата, период кога се соочуваат домаќинствата со повисоки месечни трошоци.












