Изминативе 26 месеци се соочивме со распаднати и уништени институции, со држава ограбена и клекната на колена, а голем дел од времето беше посветен на довршување на проекти кои биле започнати, но заборавени, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
– Градевме експресни патишта, делници од пруга и продолжуваме да градиме. Продолживме со автопатските секции и продолжуваме со нови, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Владата реконструирала и болници, како дел од, како што оцени, процесот на санирање на состојбите оставени во здравството.
– Знаете, нема да ве потсетувам на оние криминални политики кога бевме држава која беше на дното по начинот на справување со корона-кризата, а на врвот по бројот на починатите, рече премиерот.
Мицкоски ја критикуваше и економската политика на претходната власт, оценувајќи дека граѓаните биле ограбени, а економијата уништена и девастирана.
– Прогресивни даноци, солидарни даноци и што ли не се правеше во периодот што сите ние сакаме брзо да го заборавиме, додаде тој.
Според Мицкоски, по преземањето на власта, новата Влада веднаш започнала со работа на корекција на, како што ја нарече, „оставената состојба од претходната криминална влада на СДСМ и ДУИ“.
Како еден од клучните проекти, тој го посочи децентрализирањето на средства од државниот буџет кон општините, преку што, како што рече, се обезбедени околу половина милијарда евра за капитални инвестиции.
Мицкоски се осврна и на проектот за набавка на нова комунална механизација, оценувајќи дека таа ќе придонесе за подобра животна средина и поголема хигиена во општините.
– Им честитам на сите оние што ќе добијат нова механизација, нови алатки да се справуваат со сметот. Повикувам и на општествена и граѓанска одговорност, затоа што нашата животна средина е наша и треба да си ја чуваме сите подеднакво, порача премиерот.
Како следен чекор, Мицкоски ја најави испораката на автобусите за општините, кои, според него, наскоро треба да започнат да се испорачуваат и да се користат за еколошки јавен градски превоз.
– Од клекната, распадната и ограбена држава која пред 26 месеци ни беше главен предизвик откако ја наследивме од Владата на СДСМ и ДУИ, денеска можеме да кажеме дека Македонија, по три години, е подобро место за живеење. А јас ви гарантирам дека за три години ќе биде уште подобро место за живеење од денеска, рече Мицкоски.












