Бројот на работници во македонската индустрија продолжува да се намалува. Во јули 2026 година, бројот на вработени бил намален за 2,6 отсто во споредба со тој месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Падот е особено значаен во преработувачката индустрија, каде што е намален бројот на работници за 2,3 отсто. Во рударството и вадењето камен, падот изнесува 7,8 отсто, додека во секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е регистрирано намалување од 0,9 отсто.
Особено внимание привлекува состојбата во текстилната индустрија, која традиционално е меѓу најголемите работодавци во земјава и во голема мера се потпира на човечкиот труд и на производството за странски компании, преку лон-системот.
Намалувањето на бројот на работници во преработувачката индустрија може да укажува на притисок врз производството и профитабилноста на компаниите. Текстилните фирми истовремено се соочуваат со повисоки трошоци за труд, енергија и за материјали, силна конкуренција од земјите со поевтина работна сила, но и со сè поголеми проблеми при обезбедувањето работници.
Падот е видлив и според главните индустриски групи. Најголемо намалување има кај нетрајните производи за широка потрошувачка од 3,6 отсто, потоа кај енергијата со 3,3 отсто, интермедијарните производи со 2,4 отсто, капиталните производи со 2,3 отсто и кај трајните производи за широка потрошувачка со 2 отсто.
Овие податоци покажуваат дека намалувањето на бројот на работници не е ограничено на еден сегмент, туку е поширока тенденција во индустријата. Сепак, трендот е особено чувствителен за текстилниот сектор бидејќи станува збор за работно интензивна индустрија, каде што секое намалување на вработеноста директно влијае врз производствените капацитети.
Долгорочен предизвик за текстилната индустрија е да ја намали зависноста од евтина работна сила и лон-производство и да се насочи кон производи со поголема додадена вредност. За тоа ќе бидат потребни инвестиции во технологијата, модернизацијата и во квалификуваната работна сила.
Јулските податоци се уште еден сигнал дека македонската индустрија се соочува со структурни промени, а текстилниот сектор останува еден од најчувствителните на притисокот врз работната сила и конкурентноста.












