Лидија Храстиќ-Новак, новата вршителка на должноста директор на Психијатриската клиника „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир, денеска потврди дека некои од вработените, кои биле вклучени во настаните што ѝ претходеле на смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, сè уште се вработени во болницата. Таа најави проценка на нивната професионална одговорност, што би можело да доведе до дисциплински мерки против одредени вработени.
Таа, исто така, се осврна на наводите дека во болницата рутински се користат перници при ограничување на движењето на пациентите, на доцнењето на претходниот директор во прегледувањето на снимките од видео-надзорот, како и на неправилности во однесувањето на вработените.
Периш почина на 21 октомври во таа болница, а четворица болнички техничари во моментов се под истрага поради сомневање за тешко убиство.
На прашањето дали некој од десетината вработени, кои се гледаат на снимката, се вратил на работа со пациенти, Храстиќ-Новак потврди дека дел од нив воопшто не ни отвориле боледување.
„Некои од оние што учествуваа во целиот настан – во различни фази, бидејќи тој се одвиваше во текот на две смени – воопшто не отидоа на боледување. Некои останаа активно вработени, продолжија да ги извршуваат своите смени и работни обврски“, изјави таа, според N1hr, додавајќи дека други заминале на боледување веднаш по инцидентот или неколку дена подоцна.
Во однос на можноста за дополнителни отпуштања, таа нагласи дека утврдувањето на професионалната одговорност не е процес што се завршува преку ноќ. Во тек е детална анализа на извештаите, во консултација со правната служба, по што ќе бидат донесени одлуки за дисциплински мерки.
Што е со одговорноста на лекарите?
Осврнувајќи се на одговорноста на медицинскиот персонал – вклучително и лекар на специјализација, дежурен лекар и началник на одделението – таа истакна дека, додека надлежните органи ќе ја утврдуваат евентуалната кривична одговорност, таа ќе ги оценува евентуалните прекршувања на професионалните обврски.
Повикувајќи се на прелиминарните наоди на здравствениот инспекторат, таа објасни дека не сите неправилности се исти, при проценката се зема предвид дали воопшто бил поднесен извештај за инцидентот, или пак, дали поднесениот извештај бил непотполн. Следствено, постапките на секој вработен ќе се анализираат поединечно, од случај до случај. На прашањето дали таа би ја прегледала снимката веднаш, таа одговори: „Па, јас би ја прегледала“.
Едно од клучните прашања се однесуваше на постапките на поранешната директорка, Мајда Грах, која не ја прегледала снимката од видео-надзорот сè до 4 ноември – иако уште на 24 октомври наредила таа да се зачува. Храстиќ-Новак одби директно да ја оценува работата на својата претходничка, напоменувајќи дека во тоа време таа не била вработена во установата. На прашање од новинарите што конкретно таа би направила во таква ситуација, таа одговори дека би презела лични мерки што е можно побрзо.
Таа потврди дека поранешната директорка доцнела со испраќањето на известувањето до Министерството.
Храстиќ-Новак потврди дека постои законска обврска за известување на полицијата и Министерството за здравство во случаи на сомнителни или неочекувани смртни случаи. Таа исто така потврди дека имало доцнење во испраќањето на известувањето до Министерството, напоменувајќи дека нејзиниот претходник веројатно се обидувал да ги собере сите потребни информации од вработените кои биле на боледување – иако претходно веќе го свикала и информирала Управниот одбор.
Осврнувајќи се на тврдењата на поранешни вработени и пациенти дека перницата рутински се користела за ограничување на движењето на пациентите – како дел од некое непишано правило – директорката изјави дека ќе ги преиспита сите протоколи и ќе го измени сето она што не е во согласност со прописите. „Ако се користела перница – како што сте слушнале и прочитале, а и јас исто така – со намера некој да се заштити од каснувања, плунка или ширење капки, тогаш таа секако не смее да се користи за вршење притисок“, изјави таа, нагласувајќи дека тоа не го оправдува користењето на перница, доколку таа не е дел од утврден, пишан протокол, тоа не смее да се прави.
Од вкупно околу 420 вработени, меѓу 10 и 12 отсто моментално се на боледување – вклучително и околу седум лекари и нешто помалку од 40 медицински сестри и техничари – делумно поради акутен стрес по трагедијата. Сепак, таа тврди дека болницата функционира непречено, дека на вработените им е обезбедена психолошка поддршка, а од Министерството за внатрешни работи (МВР) е побарана заштита за вработените кои добиле закани.
Директорката најави дека уште оваа недела ќе биде објавен оглас за вработување на 15 до 20 медицински сестри и околу 20 негуватели, исто така, се разгледува и можноста за вработување на седум лекари. Болницата воведе постојано 24-часовно обезбедување и планира да формира специјално обучени тимови за итни интервенции во случаи со силно вознемирени пациенти. Дополнително, во соработка со Клиниката „Врапче“ и Службата за итна медицинска помош од Загреб, планирана е дополнителна обука за хуман начин на ограничување на движењето (фиксација) и за реанимација.












