Изложбата „Еколошки ѕвона“, преку уникатната инсталација на Ферати и Беќири, која се состои од околу 800 пластични шишиња поставени над базен со вода, кои симболизираат ѕвона како еден вид аларм за будење на свеста за поголема и попосветена грижа за природните ресурси, особено водите, испраќа силна порака за заштита на водите, одговорно управување со отпадот и грижа за животната средина. Автори на поставените дела се уметниците Нехат Беќири и Бехар Ферати од Македонија и уметницата Шарлот Кин од Швајцарија. Изложбата, која е поставена во уметничката галерија Стар турски амам во Тетово до денеска, се одржува во рамките на настанот „Денови на Вардар“, што го организира швајцарската Програма за управување, користење и заштита на води

 

Во Тетово е отворена изложбата „Еколошки ѕвона“, која преку уникатна инсталација испраќа силна порака за заштита на водите, одговорно управување со отпадот и грижа за животната средина. Автори на поставените дела се уметниците Нехат Беќири и Бехар Ферати од Македонија и уметницата Шарлот Кин од Швајцарија. Изложбата, која е поставена во уметничката галерија Стар турски амам во Тетово до 17 ноември, се одржува во рамките на настанот „Денови на Вардар“, што го организира швајцарската Програма за управување, користење и заштита на водите.

Инсталацијата на Ферати и Беќири се состои од околу 800 пластични шишиња поставени над базен со вода кои симболизираат ѕвона, како еден вид аларм за будење на свеста за поголема и попосветена грижа за природните ресурси, особено водите. Тие создадоа уметничко дело од рециклирани пластични шишиња, материјал што најчесто се смета за отпад.

– Ѕвоната во оваа инсталација не се само уметнички објекти, туку симболи што нè повикуваат на размислување за нашата одговорност кон природната средина. Инсталацијата е осмислена како своевидно небо што лебди над посетителите, пренесувајќи ја идејата дека она што денес го оставаме под нашите нозе, еден ден може да ни се најде над главите – вели Ферати, кој е и куратор на изложбата.      

Концептот и идејата за инсталацијата е на Беќири, но во изработката на делото како волонтери се вклучија ученици од средните училишта, како и дел од студентите и вработените во Универзитетот на Југоисточна Европа.

– Ова дело покажува дека уметноста може да им даде нов живот и ново значење на материјалите што општеството често ги смета за безвредни. Преку оваа инсталација сакаме да поттикнеме размислување и колективна свест за намалување на пластичниот отпад, заштита на водните ресурси и зачувување на природата за идните генерации –објаснува Ферати.

Поставката вклучува и уметничко дело на неколкуметарско платно кое во март, годинава, во Скопје, го креираше светски познатата уметница и еколошка активистка, Шарлот Кин, која живее и работи во Женева. На изложбата се емитува и видео од нејзиниот сценско-музички перформанс преку кој испрати порака дека водата не е само ресурс, туку вредност, движење и живот.

– Моето дело е посветено на реката Вардар, која носи најголем дел од водите во државата, од планините кај Вруток до Егејското Море. Иако е главна водна артерија, како и многу други реки, честопати поминуваме покрај него без вистински да го забележиме. Со овој перформанс сакав да ѝ овозможам на публиката да го почувствува Вардар на поинаков начин преку неговото движење, ритам и живот. Со спојување на уметноста и современата дигитална технологија, да раскажам приказна за реката не само преку податоци туку и преку сетилата и емоциите – вели Кин.

Програмата за управување, користење и заштита на води го поддржува Министерството за животна средина и просторно планирање во изготвувањето на првиот План за управување со сливот на реката Вардар, кој опфаќа речиси 80 % од водните тела во државата.

-Со поддршката на оваа изложба сакаме да испратиме порака до граѓаните не само да ги заштитуваат и одговорно да ги користат водите, туку и да се вклучат во подготовката на овој план бидејќи од него во голема мера зависи каква вода ќе имаме за пиење и за наводнување, но и што ќе им оставиме на идните генерации – истакна Јан Квиатковски, тим лидер на Порграмата за води.

Во изминатите месеци се одржаа јавните консултации во однос на Времениот извештај за значајни прашања поврзани со управувањето со водите од сливот на Вардар, но граѓаните сè уште може да придонесат во овој процес преку пополнување онлајн прашалник за главните ризици и препораки за нивно надминување.

Програмата за управување, користење и заштита на води e на Владата на Швајцарија, под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ја спроведува конзорциумот Скат консалтинг лтд. и Поинт про консалтинг.

 

ИЗДВОЕНИ