Од денеска, на Коридорот 8, е отворено уште едно градилиште – секцијата од Кичево до Букојчани во должина од 11,5 километри и е само дел од големите градежни активности што се одвиваат на овој патен правец. Покрај изградбата на делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани што ги гради „Бехтел и Енка“, како и автопатот Кичево – Охрид кој се очекува да биде пуштен за сообраќај наредната година, токму делот Кичево – Букојчани недостасува за да биде комплетирано автопатското поврзување од Скопје до Охрид и Струга, кое, кога сите овие делници ќе станат функционални за сообраќај, ќе се патува за час и половина.
Во обраќањето на официјалниот почеток на изградбата, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека Владата има цел Македонија да се развива како крстосница на двата паневропски коридора – Коридорот 8 и Коридорот 10, преку инвестиции во патната, железничката, енергетската и гасната инфраструктура.
– Политиката на оваа Влада кога беше избрана во 2024 година беше да ја направи земјата крстосница што ќе се темели на четири столба. Тогаш почнавме со три столба, но некако како одминуваше времето таа наша цел и тој предизвик го проширивме и денеска зборуваме за четири столба. Тоа е да бидеме крстосница на два паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10 во смисла на патна инфраструктура, железничката инфраструктура, енергетската инфраструктура и гасната инфраструктура – рече Мицкоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека изградбата ќе се одвива на планински терен, кој е тежок и предизвикувачки, но рече дека очекува компаниите задолжени за надзор и изведба ќе ја завршат работата во предвидениот рок од 4 години и дека со инвестициите во патната и железничката инфраструктура треба да придонесат за економски напредок и политичка стабилност, имајќи ја предвид географската положба на Македонија.
– Денес го започнуваме автопатот Кичево – Букојчани и навистина е убаво кога се започнуваат нови проекти. Нека е аирлија, ја градиме Македонија – истакна Николоски.
Директорот на ЈП за државните патишта, Коце Трајановски даде повеќе детали за автопатот.
Рече дека изградбата почнува 10 години по неговото проектирање, а на подготовката на проектот интензивно се работело две и пол години. Тој најави дека автопатот ќе биде без патарини, а во однос на експропријацијата, информираше дека е потребно да се експроприраат околу 1.000 катастарски парцели за двете фази од изградбата (Кичево – Црвевци во должина од 6,5 километри, каде што досега се завршени 97 % од експропријацијата), а за петте километри од Црвевци до Букојчани допрва ќе се експроприра.
За реализација на проектот се обезбедени 119 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, грант од 20 милиони евра од Европската Унија и дополнителни 300 илјади евра преку Фондот на Европската Унија за Западен Балкан за подготовка на тендерската документација. Од ЕБОР истакнаа дека со овој проект продолжува поддршката што ѝ се дава на Македонија, која досега изнесува 3,2 милијарди евра. Евроамбасадорот, Михалис Рокас, истакна дека со грантовите што ги добива земјава преку инвестициската рамка за Западен Балкан, се потврдува дека Европската Унија останува партнер на Македонија за да стане поконкурентна држава.
Автопатот ќе биде со две коловозни ленти во двата правци и по една за застанување, ќе има средишно зеленило, а ќе се изградат и пет моста, два вијадукти, четири надвозници, девет подвозници, еден тунел и две клучки. (С. Бл.)












