Паѓаат цените на нафтата на светските берзи, па се очекува Регулаторната комисија за енергетика утре да донесе одлука за нови малопродажни цени на горивата, при што е можно бензините и дизелот да поевтинат. Конечната одлука ќе зависи од движењата на референтните цени и останатите параметри што ги пресметува РКЕ.
Дополнително олеснување за потрошувачите треба да обезбеди и владината мерка за намалување на данокот на додадена вредност за дизелот. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, соопшти дека Владата ја продолжила примената на повластената стапка на ДДВ од 10 проценти, наместо редовните 18 проценти, до 20 октомври 2026 година. Според министерката, целта на мерката е да се влијае врз малопродажните цени на горивата и да се ублажат надворешните ценовни притисоци, со што би се намалил финансискиот товар врз граѓаните и стопанството.
– Со оваа мерка влијаеме врз малопродажните цени на горивата и ги ублажуваме надворешните ценовни притисоци, со цел да го намалиме финансискиот товар врз граѓаните и стопанството – наведува Димитриеска-Кочоска.
Таа посочува дека Владата внимателно ги следи состојбите на меѓународните пазари и дека ќе продолжи да реагира со мерки насочени кон заштита на животниот стандард и одржување на економската стабилност.
Сепак, дали возачите од утре ќе точат поевтино гориво ќе биде познато по објавувањето на официјалната одлука на РКЕ.












