Народното востание од 11 октомври 1941 година е голем историски подвиг на нашите борци востаници што се случило во времето на Втората светска војна, која била судир од апокалиптични размери. Да се кренеш на востание без оружје, но со голема желба за слобода, е големо дело, вели Рубинчо Белчески, в.д. претседател на Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија. Во интервју за весникот ВЕЧЕР, тој го објаснува значењето на востанието, зошто доцнело тоа во споредба со другите тогашни југословенски републики и кои се проблемите на оваа организација, чија задача е чување на светлите традиции во борбата на чиј крај се удрени темелите на првата македонска држава
о Македонија го чествува големиот јубилеј, 85. годишнина од дигањето на народното востание на 11 октомври 1941 година, што беше и пат кон АСНОМ 1944 година и создавањето македонска држава. Какво е значењето на ова востание?
– Првиот востанички истрел што се случил во Прилеп, на 11 октомври 1941 година, потоа во Куманово и низ цела Македонија, не бил само симболичен чин туку и автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ да се истрае на балканскиот ветромет и да се биде на страната на антифашистичката коалиција, сè до последниот ден на победата над фашизмот. Со нападот на бугарската полициска станица, на затворот и на телефонско-телеграфската мрежа, од страна на прилепските борци, бил означен почетокот на првото ослободително востание на македонскиот народ. По овој датум, партизанските одреди (Скопскиот, Прилепскиот, Кумановскиот и другите) ги издигнале своите акции на повисок степен, биле предвесници на едно масовно вооружено востание со антифашистички и ослободителен карактер. Отпорот кон окупаторот бил историски и политички далековид државнички чин. Всушност, се работело за етички кодекс во кој ќе се впише: дали отпор или колаборација, дали борба за слобода или соработка со окупаторот, храброст или кукавичлук, суверен став или покорност.
Борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 го продолжиле револуционерниот од на илинденците, а воедно ги реализираа стремежите за слобода на многуте македонски борбени генерации, низ вековите, изразени преку многубројните буни и востанија, како Карпошовото, Разловечкото, Кресненското, вклучувајќи ги првиот Илинден од 1903 и создавањето на Крушевската Република, преку вториот Илинден, АСНОМ од 1944 со уставотворните одлуки и решенија, беше создадена Федерална Македонија, а истите беа основа за 8 септември 1991 година – преку референдумот или таканаречениот трет Илинден се оствари вековниот сон за самостојна, независна и суверена Република Македонија. Македонскиот народ, како и припадниците на другите националности во Македонија, до ослободувањето во 1944 година, до победата над фашизмот на 9 мај 1945 година, односно 15 мај 1945 година, кога и траеја завршните операции против Германија, дале околу 25.000 жртви. Исто така, и материјалните штети што ги претрпела Македонија во текот на Втората светска војна биле огромни: разурнати или опожарени куќи и јавни објекти, урнати мостови, целосно уништени сообраќајници, железничка мрежа и друго.
о Во јавноста сè уште опстојуваат одредени дилеми околу причините за доцнењето на дигањето на востанието во Македонија. Како историчар, Ве прашувам дали е оправдано постоењето на таквите дилеми и што е објективното гледање на тој период?
– Оваа година се одбележуваат и 85 години од одржувањето на историската седницата на Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија, на чело со Јосип Броз Тито, одржана на 4 јули 1941 година, во Белград, на која биле донесени повеќе одлуки, како и проглас за почнување вооружено востание на народите на Југославија, вклучително и на македонскиот народ, против фашизмот. Потоа следувале востанијата: во Србија на 7 јули, во Црна Гора на 13 јули, во Словенија на 22 јули, во Босна и Херцеговина и Хрватска на 27 јули. Конечно, во Македонија на 11 октомври 1941 година. Причината за доцнењето, веројатно, треба да ја бараме во односите внатре во ПК на КПЈ за Македонија, како и во влијанијата на КПЈ и БРП (к). Но, и да не заборавиме дека Македонија била окупирана од Бугарија и од Италија и не било така лесно да се организираат во такви услови, кога окупаторот свирепо се однесувал кон секој што покажувал отпор.
Затоа велиме дека Втората светска војна не била обична војна, ниту окупацијата на нашата земја била обична окупација. Тоа било апокалиптичен судир со светски размери, каде што биле кршени меѓународните човекови права, каков што не познавала историјата дотогаш. Имало немилосрдно газење и уништување на исконската човекова потреба за опстанок и за слобода. Затоа Народното востание е подвиг на нашите борци востаници во поробена Европа. Да се кренеш на востание, да тргнеш во борба без искуство, без оружје, без челик во рацете, но со челик во душата, со голема желба за слобода, со визија за праведен свет, со идеја за солидарност, еднаквост и социјална правда е големо дело. Едноставно речено, востаниците извршиле невозможна мисија. Тие го претвориле стравот од надмоќниот непријател во инспирација. Колку бил тој посуров и понадмоќен толку тие биле похрабри.
о Како гледате на самата акција на 11 октомври 1941, со нападот на Участокот, како била организирана таа акција, дали му дала силен поттик на партизанското движење?
– Партиската организација на Прилеп, на чело со хероината Вера Ацева, уште од самата окупација во април, па во текот на востаничката 1941 година, функционирала беспрекорно и како на филмска лента се случувале активности и акции на МК на КПЈ за Прилеп. Голем придонес за тоа имале прекалените активисти и борци: Кузман Јосифоски-Питу, Мирче Ацев, Орде Чопела, Борка Левата, Рампо Левката и многу други, за директно со акцијата за почеток на востанието да раководат: Борка Талески и Трајко Бошкоски- Тарцан. Самиот факт што во времето на нападот на трите групи на три објекти во Прилеп немало ниту една жртва, зборува за сериозниот пристап и за добро осмислената акција. По овој настан, следувале официјалното формирање на прилепскиот одред „Гоце Делчев“, создавањето на песната „А бре, Македонче“ во одредот, која ги бодрела и ги повикувала на отпор, како и одржувањето на првиот митинг на одредот во окупирана Македонија. Ова го споменувам бидејќи борците од одредот имале визија за привлекување нови борци, да му покажат на населението дека се тука, наспроти гласовите од окупаторот дека се разбиени.
За жал, состојбата во кумановскиот крај не била иста. Двата новоформирани одреди, Козјачкиот и Карадачкиот, уште при првите акции биле разбиени од бугарскиот окупатор. Но, тоа не ги обесхрабрило активистите во Кумановско да го продолжат револуционерниот од сè до конечна слободна Македонија. Во таа борба се истакнале народните херои: Христијан Тодоровски-Карпош, Киро Нацев-Фетак, Бајрам Шабани, Мара Нацева и други.
о Како делува сега Сојузот на борците на Македонија и на граѓаните продолжувачи, имате ли услови за делување? Дали смее да се дозволи да згасне една ваква организација што има светла традиција?
– Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941 – 1945 и граѓаните продолжувачи, како доброволна, самостојна, демократска, патриотска, непартиска, невладина, мултиетничка и хуманитарна организација, води грижа за зачувување и негување на борбените традиции и на придобивките од Народноослободителната и антифашистичка војна 1941 – 1945 и од Националноослободителната борба и востанија на македонскиот народ и припадниците на етничките заедници што заеднички учествувале за иста цел во овие борбени активности од подалечното и од поблиското минато. Со оглед на временската дистанца од 85 години од почетокот на Народното востание, живите борци што учествувале во НОВ се бројат на прстите од едната рака. Сепак, овие околу 100-годишни борци храбро се „борат“ со предизвиците на животот. А ним и на сите други борци им изразуваме неизмерна благодарност за нивниот влог во победата и слободата на нашата татковина Македонија.
Што се однесува до делувањето на нашата организација, слободно можам да кажам дека работиме во тешки услови. Зошто го велам тоа? Работиме на територијален принцип со општински организации, кои не функционираат насекаде. Имаме општински организации што релативно добро функционираат, некои што тешко функционираат, но и некаде каде што, всушност, и не постојат. На ниво на град Скопје функционира Градскиот одбор, а на државно ниво раководно тело е Главниот одбор. Настојуваме, како што велите, да вклучиме што повеќе граѓани продолжувачи и да го продолжиме патот што го трасирале борците и со тоа да не дозволиме да згасне организацијата со светла традиција. Би сакале во организацијата помасовно да се вклучат и потомците на борците. А со оглед на фактот што функционира Главниот одбор без финансиски средства, ја повикувам Владата на Република Македонија финансиски да ја поддржи оваа реномирана организација, затоа што таа е најповикана да го чува споменот на револуционерите, востаниците, борците, хероите и на сите оние што се охрабриле да учествуваат во многубројните буни и востанија во богатата историја на македонскиот народ, но и сите припадници на другите етнички заедници, вклучително и во ова последно востание. Тоа, во суштина, е првото ослободително востанието што преку антифашистичка борба, како културно наследство и колективна меморија од истата, е единствената кохезиска сила што може да нè поврзи сите, без разлика на верата, нацијата и на политичката определба. Затоа нам, луѓето, колку и да се разликуваме во многу нешта, нашата татковина Македонија мора да ни биде на прво место.











