Кочанчанката Ива Михаилова со бугарска самосвест, на која и се суди за сообраќајна несреќа со жртва , ја поминала македонско-бугарската граница без дозвола од судот. Иако за неа се чекаше да дојдат лекари од Бугарија поради нејзината здравствена состојба, сепак таа заминала и ја поминала нашата граница со нејзниот бугарски адвокат Николај Димитров. Веста се објави на бугарскиот национален медиум БТВ, а за весникот Вечер потврди нејзиниот адвокат во Македонија, Насер Рауфи.
„И јас сум затекнат. Утринава бев известен дека ја поминала границата, дозвола нема од Судот, само што сакавме да поднесеме ново барање бидејќи имаше најава од МНР дека ќе дошле лекари од Бугарија да ја прегледаат. Сега судењето би требало да продолжи во нејзино отсуство, на ред е нашиот вештак од сообраќајот да сведочи во полза на одбраната дека Михаилова немало потреба да оди на таа лента. Претпоставувам дека одлуката ја донела со адвокатот од Бугарија“, вели адвокат Насер Рауфи за ВЕЧЕР.
Веста дека Михаилова ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија утринава ја објави бугарската БТВ. Во изјава за медиумот, Михаилова вели дека поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа, одлучила да се врати во Бугарија.
-Ја преминавме границата со мојот адвокат. Моето здравје се влоши, тој ме зеде и се вративме во Бугарија без никакви проблеми. На границата ја покажав мојата македонска лична карта. Се чувствувам безбедно во Бугарија. Во Северна Македонија бев репресирана поради моето бугарско потекло и тоа беше една од причините зошто ме обвинија – изјави Михаилова за БТВ.
На прашањето дали има намера да се врати во Македонија за судењето, чие следно рочиште е закажано за 9 ноември таа одговори: – Случајот продолжува со или без мене. Ќе видиме како ќе биде.
Во изјава за БТВ, нејзиниот адвокат Николај Димитров одби да каже на кој граничен премин поминале, велејќи дека не сака да им предизвика проблеми на луѓето кои, според него, им помагале. Тој признава дека нивните постапки може да претставуваат прекршување на мерките кои ѝ се определени на Михаилова, но вели дека според него, правото на лекување било водечки принцип при донесувањето на одлуката.(П.А.)











