Приведувања во Прилеп и Велес, кривична пријава во Свети Николе и заплена на околу 400 кубни метри огревно дрво во Скопско повторно го отворија прашањето за размерите на нелегалната трговија со дрва. Заменик-директорот на „Национални шуми“, Кире Михаилов, предупредува дека станува збор за доходовен бизнис во кој, според неговите процени, годишно се вртат стотина милиони евра. Индициите упатуваат на можни организирани структури што дејствувале на повеќе подрачја, а се проверува и евентуална вмешаност на лица од институциите. Сомневањата за злоупотреби во транспортот, документацијата и означувањето на дрвната маса ги проверуваат надлежните органи, кои треба да ги утврдат одговорноста и вистинскиот опсег на мрежата

Од нелегалниот бизнис со сеча на дрва се вртат стотина милиони евра на годишно ниво. Со оваа процена, што заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, ја изнесе пред десетина месеци во интервју за весникот ВЕЧЕР, тој укажа на огромните финансиски интереси зад нелегалната трговија со дрва.
Дека станува збор за доходовен црн бизнис, во кој се преплетуваат сомневања за организирани групи, злоупотреби и можни врски во институциите, повторно потврдуваат и последните случаи во кои се приведени директор на подружница и вработена во претпријатието, а се одземени камиони и стотици кубни метри огревно дрво.
Директорот на подружницата „Црн Бор“ во Прилеп и вработена во „Бабуна“ во Велес се меѓу лицата опфатени со одделни постапки за сомневања за незаконско постапување со дрвна маса. Дополнително, против вработен во подружницата во Свети Николе и правно лице е поднесена кривична пријава, при што штетата се проценува на повеќе од 50.000 евра.
Во прилепскиот случај, според Министерството за внатрешни работи, на 8 октомври 2026 година, при контрола на две товарни возила што превезувале дрва за потребите на „Црн Бор“, биле откриени неправилности во документацијата. Во камионите имало вкупно 25,9 кубни метри дрвна маса, придружени со испратници во кои, според полицијата, биле внесени невистинити податоци. Сомневањата се дека документите ги подготвил вработен во подружницата по налог на директорот П. Ј.
Полицијата утврдила и неправилности со службениот чекан за означување на дрвната маса, кој, според МВР, директорот без овластување му го предал на лице ангажирано како секач. Станува збор за лице кое е во семејна поврзаност со сопственикот на фирмата задолжена за сеча и транспорт на дрвата. По насоки на јавен обвинител, привремено биле одземени камионите и дрвната маса, а од МВР најавија кривични пријави по целосното документирање на случајот.
Во велешкото село Теово, пак, на 7 октомври биле лишени од слобода три лица, меѓу кои и вработена во подружницата „Бабуна“. При интервенцијата биле одземени дрва и други предмети поврзани со случајот. Посебна акција била спроведена и во Скопско, каде што од правно лице што се занимава со промет на огревно дрво биле одземени околу 400 кубни метри дрва, со проценета вредност од околу два милиони денари, односно над 30.000 евра. Според Михаилов, акцијата следувала по десетина дена истрага, во координација со обвинителството, МВР и Шумската полиција.
– Од она кое што засега го имаме како информација, се работи за добро организирана група која најверојатно подолго време работела нелегални активности околу превоз и продажба на дрва – посочи Михаилов, додавајќи дека се проверуваат индиции за активности на пошироко подрачје, од Скопска Црна Гора и Китка до Гостивар и Велес, како и евентуална вмешаност на лица од институциите.
Пред десетина месеци, во интервју за ВЕЧЕР, Михаилов предупреди дека зад дрвокрадството во одредени случаи стојат добро организирани структури. „Без институционална поддршка, многу ретко некој во Македонија се дрзнува да краде“, изјави тој, осврнувајќи се и на акцијата во Берово, за која тврдеше дека открила спрега меѓу вработени во „Национални шуми“, МВР, Шумската полиција и Граничната полиција.
Тој тогаш посочи дека постојат и помали групи што крадат самостојно, но и организирани мрежи со сериозни финансиски интереси. Меѓу подрачјата што ги наведе како жаришта беа Струмичко, Босилово, планините Огражден, Дарван и Еленица, Струшко, околината на Скопје и Прилеп.
За размерите на проблемот зборуваат и податоците што ги изнесе во истото интервју. Според неговите процени, годишните потреби на земјава за огревно дрво се движат меѓу 500.000 и 600.000 кубни метри, додека производството на претпријатието во 2023 година надминувало 200.000 кубни метри. Разликата, според него, отвора прашања за потеклото на дрвата со кои се снабдувал пазарот.
Михаилов тогаш упати и повик до лицата што се занимавале со дрвокрадство да се вклучат во легалното производство, посочувајќи дека на претпријатието му недостига кадар.
– Оние што сме ги затекнале во некакви форми на дрвокрадство, јас ги повикувам да дојдат и да се вклучат во нормалниот процес на производство. Ние кубуриме со кадар, ни требаат луѓе од секакви профили – изјави тој.
Според Михаилов, легалното вработување е подобра алтернатива од заработката преку нелегална сеча, која може да заврши со затворска казна и одземање на возилата. Последните случаи сега треба да покажат колкав е досегот на сомнителните активности и дали истрагите ќе откријат поширока мрежа.
Михаилов порачува дека нема да има привилегирани лица и дека законот мора да важи подеднакво за сите.
(С. Бл.)












