Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) одобри ослободување на 400 милиони барели нафта од резервите за да се компензираат прекините во снабдувањето предизвикани од „ефикасното затворање на Ормутскиот теснец“, изјави извршниот директор на агенцијата, Фатих Бирол.
Тој рече дека земјите-членки на ИЕА едногласно гласале за започнување на „најголемото ослободување на резерви на нафта во итни случаи во историјата на агенцијата“, објави „Би-би-си“.
Најавувајќи го „најголемото ослободување на нафта досега“, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) соопшти дека сите 32 земји-членки едногласно ја поддржале одлуката.
„Предизвиците со кои се соочуваме на пазарот на нафта се без преседан по обем, па затоа сум многу задоволен што земјите-членки на ИЕА одговорија со вонредна заедничка акција од невидена големина“, изјави извршниот директор на агенцијата, Фатих Бирол.
ИЕА соопшти дека резервите на нафта во итни случаи ќе бидат ослободени на пазарот во временски рок соодветен на националните околности на секоја земја-членка.
Ова е шести пат ИЕА да одобри координирано ослободување на резерви на нафта. Претходно го стори тоа во 1991, 2005, 2011 и двапати во 2022 година.
Агенцијата додаде дека нејзините членови поседуваат повеќе од 1,2 милијарди барели стратешки резерви на нафта, со дополнителни 600 милиони барели индустриски залихи што ги чуваат компаниите по налог на владите.












