Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти деталите за физичката пресметка помеѓу навивачките групи „Сити Парк Бојс“ и „Фемили“ која се случи пред СЦ „Јане Сандански“.
Според „Скопје1“ едно лице е пренесено во болница, додека едно е приведено. Детали околу тежината на повреденото лице засега нема, ниту дали дополнително ќе бидат приведени и други лица.
„Инцидентот бил пријавен на 31 октомври, околу 18:55 часот во СВР Скопје. Според МВР, повеќе членови на навивачката група „Фемили“ се движеле од улицата „Васко Карангелески“ кон спортската сала „Јане Сандански“, каде што претходно биле собрани околу 50 навивачи на КК „Работнички“. Во еден момент, помала група од навивачите на „Фемили“ запалила пиротехнички средства, се приближила до навивачите на Работнички и физички ги нападнала.
По нападот, учесниците се оддалечиле во различни правци. Едно лице е приведено, а едно лице се здобило со повреди и истото со возило на итна медицинска помош е пренесено во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош“, информираат од МВР.
Жестока навивачка пресметка се случила за време на одигрување на кошаркарскиот натпревар помеѓу екипите на Скопје и Работнички и тоа пред салата „Јане Сандански“ додека актерите на теренот привршувале со првото полувреме.












