Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар откри дека последиците од падот на трката во Шпанија се многу поголеми отколку што првично се мислеше. Словенецот имаше пад за време на осмата етапа од Вуелта. Првите медицински анализи покажаа скршеница на седмиот цервикален прешлен, клучна коска и потрес на мозокот. Сепак, последователните прегледи во Словенија открија уште две скршеници.

„Всушност, тоа е смешна приказна. Пред две недели бев во Словенија на дополнителен преглед. Знаев дека го скршив пршленот C7, но потоа дознав дека ми се скршени и пршлените Т1 и Т2“, рече Погачар и додаде како реагирал:

„Во тој момент бев среќен што не се натпреварував на Европското првенство во Словенија, што првично ми беше целта. Кога видов дека имам скршено три прешлени, бев среќен што сум жив и што можам да стојам на нозе.“

Словенецот истакнува дека првите денови по падот биле особено тешки.

„Се истуширав со помош на лекарот на тимот, бидејќи не можев сам да го направам тоа. Штом ќе станев, ми се лошеше. Истото се случуваше и кога ќе ја спуштев главата на некоја површина. Бев целосно исцрпен и дезориентиран. Беше навистина тешко.“

Погачар зборуваше и за психолошките проблеми со кои се соочил по операцијата.

„По операцијата, бев навистина депресивен. Психички, првите неколку недели не бев добро. Во тој период, никој не се чувствуваше удобно да биде во моја близина“.

Тој релативно брзо започна со рехабилитација и лесен тренинг.

„Тогаш почнав да се чувствувам подобро ментално. Но, тоа беше борба од ден на ден“.

Фрактурите се карактеризираат како стабилни, но најдобриот велосипедист на светот знае дека мора да биде исклучително внимателен.

„Морам да внимавам да не паднам повторно и да не кревам ништо тешко со левата рака или со помош на вратот. Инаку, веќе немам болка или непријатност.

Ако повторно паднам од велосипедот, тоа може да биде многу проблематично. Сите ми велат дека сум имал среќа. И имаш среќа секој пат кога можеш да застанеш на свои нозе по пад. Кога ќе сфатиш колку сериозно било сè, јасно ти е дека нема место за шеги. Искрено, малку е страшно да се помисли на тоа“, заклучи Тадеј Погачар.

ИЗДВОЕНИ