недела, септември 20, 2026
Дома БАЛКАН Хрватска со уникатен начин за следење на поскапувањата: Пиеш едно кафе, добиваш...

Хрватска со уникатен начин за следење на поскапувањата: Пиеш едно кафе, добиваш две цени – оди, па снајди се

1

Сите малопродажни и услужни објекти во Хрватска добија обврска од 1 октомври да објавуваат по две цени за сè што нудат. Покрај актуелната, на полиците во продавниците и во менијата на угостителските објекти треба да стои и референтната цена, односно цената што ја имал производот или услугата на 10 септември. Овие нови правила ги опфаќаат супермаркетите, продавниците за облека и за обувки, продавниците за техничка стока, мебел и за градежни материјали, како и рестораните, кафулињата, фризерските и козметичките салони, автомеханичарите, разните бензински пумпи и другите занаетчии.

Властите сметаат дека со двојните цени граѓаните ќе може да го следат поскапувањето, но услужните дејности сметаат дека не траба да бидат опфатени со оваа нова одлука на Министерството за економија, а угостителите најавија колективна тужба. Хрватската занаетчиска комора – ХОК веќе симулираше како ќе изгледа по ново новата понуда на рестораните и на цвеќарниците, посочувајќи дека ќе им треба лупа на муштериите за да сфатат колку, всушност, ќе платат. Како што пишува „Јутарњи“, апсурдот оди и подалеку – ако станува збор за нов производ што го немале во понудата на 10 септември, покрај тековната цена, угостителите ќе мора да ја додадат и цената што ја имал производот на денот кога бил воведен во ценовникот, а истото важи и за сите други даватели на услуги.

За некои, како, на пример, цвеќарите, тоа би било многу компликувано. За илустрација, ХОК направи ценовник на имагинарна цвеќарница чиј сопственик купува цвеќе секој ден и ја менува цената, што уште посликовито ја демонстрира бизарноста на новата обврска. Во ситуација кога, на пример, одлучува да понуди рози по акциска цена пониска за 30 проценти, таквата цвеќарница ќе мора да прикаже дури четири цени: почетната цена, потоа акциската намалена за 30 проценти, потоа најниската цена во последните 30 дена и, конечно, цената на тој производ на 10 септември 2026 година. И тоа не е сè. Ако има табла пред објектот на која со креда ги пишува цените на некои јадења, покрај редовните цени, угостителот ќе мора да ги прикаже и основните цени на таа табла, што ќе го комплицира животот на многу даватели на услуги, но и на потрошувачите.

Најавувајќи тужби, угостителите за сите проблеми со растот на цените ги обвинуваат трговците на големо и на мало, кои, како што велат, бесрамно ги зголемуваат маржите, некогаш и за 900 проценти и се збогатуваат. Тие  појаснуваат дека нивните цени, всушност, зависат од малопродажните цени, како влезни, што ја прави апсурдна одлуката за истакнување две цени за нив.

 

ИЗДВОЕНИ