
Ривалството меѓу Олимпијакос и Панатинаикос добива нова, уште пожестока димензија откако двата грчки кошаркарски гиганти влегоа во отворена војна со меѓусебни обвинувања, пријави и сериозни обвинувања за местење натпревари.
Олимпијакос објави дека поднел пријава до спортскиот судија на грчката лига (ЕСАКЕ) против Панатинаикос и Маргарита Тану, членка на Управниот одбор на „зелените“. Причина за ваквиот потег се нејзините изјави на грчката државна телевизија ЕРТ на 31 октомври, во кои, според тврдењата на клубот од Пиреја, изнела клеветнички обвинувања.
Од Олимпијакос реагираа дека Тану го поврзала клубот со истрага за местење кошаркарски натпревари, а притоа тврдела и дека биле наместени одредени шампионски титули и финални серии против Панатинаикос.
Но, само еден ден подоцна, Панатинаикос возврати со остро соопштение, во кое не ги штедеше своите најголеми ривали. „Зелените“ го потсетија Олимпијакос на неговата претходна поддршка за изборот на Вангелис Лиолиос за претседател на Грчката кошаркарска федерација, како и на молкот за она што го нарекоа најголем скандал во историјата на грчката кошарка.
Во реакцијата беа споменати и судии што, според Панатинаикос, се поврзани со актуелните истраги, а клубот упати и низа директни критики кон раководството на Олимпијакос.
Но, ова не е единствениот фронт на кој се судираат двата клуба. Евролигата во меѓувреме поведе дисциплинска постапка против сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, поради неговите објави на социјалните мрежи насочени кон Олимпијакос и тренерот Јоргос Барцокас.
Јанакопулос споделуваше пораки и содржини што ги истакнаа навивачите на Панатинаикос во текот на натпреварот со Басконија, алудирајќи на наводна вмешаност на Олимпијакос во истрагата за интегритетот на кошаркарските натпревари.
Така, едно од најжестоките ривалства во европската кошарка доби ново продолжение, а сега вниманието е насочено кон дисциплинските органи и нивните одлуки. Едно е сигурно: тензиите меѓу двата атински гиганти воопшто не стивнуваат.











