Неврие Сакиб и Сузана Стојановска се згрижувачи на деца без родители и родителска грижа. „Јас и мојот сопруг не можеме да го замислиме животот без овие деца“, вели Неврие. Сузана, пак, е самохрана мајка, и покрај својот син Никола, кој има 22 години, и е дете со Даунов синдром, таа веќе девет години се грижи и за Денис, кој има 24 години. Сузана е специјализирана како згрижувач и тоа за потешките случаи, и е претседател на Здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром, „Дневен центар Доза среќа“. „Сите се чудеа како успевам да излезам на крај. Но, со добра организација и посветеност на работата, се постигнува“, децидна е Сузана. Денеска, во скопската ЗОО, со свечен настан се одбележа токму Денот посветен на згрижувачките семејства. Во Македонија има вкупно 387 згрижувачки семејства во кои се згрижени 672  корисници

Сузана Стојановска е еден од многуте згрижувачи на деца без родители и родителска грижа. Таа е самохрана мајка, и покрај својот син Никола, кој има 22 години и е дете со Даунов синдром, таа веќе девет години се грижи и за Денис, кој има 24 години. Сузана е специјализирана како згрижувач и тоа за потешките случаи и е претседател на Здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром  „Дневен центар Доза среќа“. Вели дека воопшто не ѝ е тешко, иако посебно внимание треба му посвети и на својот син.

– Сите се чудеа како успевам да излезам на крај. Но, со добра организација и посветеност на работата, се постигнува – децидна е Сузана.

Таа вели дека настојува да ги научи децата да си помагаат едни со други и секогаш им дава домашни обврски, се разбира, секому, во рамки на можностите.

– Така и тие се чувствуваат корисни, но и јас, на тој начин, си олеснувам работата – објаснува Сузана.

Таа вели дека нејзиниот син Никола се приспособува, не дава никаков отпор кон другите деца, и веднаш ги прифаќа.

Неврие Сакиб од Топанско Поле, пак, 20 години е згрижувач. Таа, со својот сопруг, во моментов се грижат за три девојчиња, од кои едното е со Даунов синдром. Едното од нив има 20 години, другото 11 и третото 10 години. Таа има 62 години, но има и свои возрасни деца –  два сина и една ќерка кои се женети и мажени.

– Имаме и девет внуци, па дури сум и прабаба. Многу ги сакам децата – вели Сакиб.

Таа слушнала на телевизија за можноста да се згрижуваат деца, па решиле заедно со својот сопруг да направат добро дело.

Со сегашните три деца, досега имаат згрижено вкупно 32.

Сегашните три деца, вели Сакиб, ќе останат кај нив додека се способни да се грижат за нив.

 

–Јас и мојот сопруг не можеме да го замислиме животот без овие деца – тврди Сакиб.

Таа додава дека обврските поврзани со децата воопшто не ѝ се тешки, туку тоа ѝ претставува разонода во која, како што вели, ѝ помага и нејзиниот сопруг.

Денеска во Зоолошката градина, со свечен настан, се одбележа токму Денот посветен на згрижувачките семејства.

Директорката на Детскиот дом „11 Октомври“, Павлина Трајановска, истакна дека денеска во Македонија има вкупно 387 згрижувачки семејства во кои се згрижени 672  корисници.

– Од нив, Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при Детскиот дом „11 Октомври“ во евиденција има 188 згрижувачки семејства, во кои се згрижени вкупно 344 корисници. Како еден од трите центри за поддршка во државата, нашиот Центар обезбедува поддршка за речиси половина од вкупниот број згрижувачки семејства и корисници во Македонија – нагласи Трајановска.

Како значаен, таа го издвои податокот според кој, во последната година, во периодот од мај 2025 до мај 2026 година, бројот на згрижувачки семејства бил зголемен за вкупно 31 ново семејство.

Според Трајановска, овој пораст е резултат на континуираната теренска работа и промоција на подигнувањето на јавната свест во Македонија.

Воедно, таа наведе и дека во првите пет месеци од 2026 година, во згрижувачки семејства се сместени вкупно 58 нови корисници.

– Овие бројки покажуваат дека системот активно одговара на потребите на децата и овозможува се поголем број на деца да растат во семејна средина исполнета со љубов, грижа и поддршка- нагласи Трајановска.

Но, како што кажа таа сепак е факт дека е недоволен бројот на згижувачки семејства, упатувајќи апел до сите граѓани да размислат да го отворат својот дом за дете на кое му е потребна љубов, грижа и сигурност.

– Сите оние што ќе одлучат да тргнат по тој пат, треба да знаат дека нема да бидат сами. Центарот за поддршка е тука за нив – да помогне, да советува и да биде партнер во секој предизвик – децидна е Трајановска.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски додаде дека токму згрижувачките семејства се  буквално на првата линија и се оние што им ја даваат поддршката на децата на кои им е најпотребна.      

(А. П.)  Фото: (П. С.)

ИЗДВОЕНИ