Раде Ристовски, член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, доби условна осуда во предметот за семејно насилство врз неговата сопруга. Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека на судењето обвинетиот ја признал вината, по што судот му изрекол казна затвор од една година и шест месеци, која нема да се изврши доколку во наредните три години не стори ново кривично дело.
Според обвинението, по претходна вербална расправија во семејниот дом, Ристовски физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја по лицето и главата во присуство на нивната малолетна ќерка. Потоа ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Во нападот жената се здобила со телесни повреди и претрпела психичка вознемиреност. Обвинителството наведува дека оштетената успеала да се засолни во тоалетот, а подоцна, додека со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил мобилниот телефон. Жената заедно со ќерката побарала помош кај сосетка, која ги примила во својот дом.
По насилството,Ристовски беше приведен и ставен во притвор.












