четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Не е само до јајцата – велигденската трпеза сè поскапа

Не е само до јајцата – велигденската трпеза сè поскапа

Јајцата надминаа 300 денари за табла, а јагнешкото достигнува околу 1.000 денари за килограм – производителите предупредуваат за раст на трошоците и најавуваат ново поскапување по празниците, додека институциите уверуваат дека ќе има доволно и дека е безбедна понудата. Граѓаните велат дека со овие цени тешко ќе ја наполнат велигденската трпеза, бидејќи, освен јајцата, поскапено е и јагнешкото, а и цените на зеленчукот многу се качија

1142

Граѓаните повторно се соочуваат со повисоки цени во маркетите, а овој раст особено е карактеристичен кај производите што вообичаено се купуваат пред велигденските празници. Јајцата отидоа над 300 денари за табла, а јагнешкото се продава околу 1.000 денари за килограм. Дел од живинарските фарми веќе ги зголемија цените на јајцата, а дел најавуваат зголемување по Велигден. Велат дека се зголемени сите трошоци – за производство, за транспорт, за амбалажа… така што ќе мора да ги коригираат цените нагоре. Од Агенцијата за храна и ветеринарство смируваат дека јајцата што се продаваат на домашниот пазар и оние од увоз се безбедни, како резултат на засилените контроли што ги вршат нивните инспектори.

– Рафтовите во маркетите се доста добро снабдени и не очекуваме да има недостиг пред велигденските празници поради зголемената потрошувачка, односно ако едно семејство за една недела троши 10 јајца, за Велигден троши 60 јајца. Поголем дел од јајцата што се пласираат на нашиот пазар се домашни, односно се задоволуваат потребите од домашно производство, а мал дел се увозни, претежно од Србија. Кај дел од производителите има пораст на цените на јајцата како резултат на зголемените трошоци, но ние ќе се воздржиме од зголемување на цените пред Велигден – изјави за весникот ВЕЧЕР генералниот директор на „Везе шари“, Абдулезел Догани.

Тој додава дека и покрај зголемените трошоци, нивната компанија донела одлука пред Велигден цените на јајцата да останат исти, но по празниците планираат зголемување со оглед на тоа дека се зголемени цените на суровините и на репроматеријалите.

– Транспортните трошоци растат како резултат на порастот на цените на нафтата, зголемени се и цените на пченицата, сојата, како и цената на амбалажата. Значи, освен на транспортот, има раст на цените на суровините, репроматеријалите и на сите производствени трошоци. Така што по Велигден планираме зголемување на цените на јајцата, бидејќи во спротивно нема да работиме рентабилно – додава Догани.

Граѓаните велат дека, со овие цени, тешко ќе ја наполнат велигденската трпеза.

– Јајцата секоја недела се поскапи. За Велигден мора да купиме, ама ова веќе е луксуз за многу семејства. Со овие цени, тешко се издржува. Не се само јајцата, сè е поскапено. Кога ќе ги собереш сите трошоци за празник, излегува дека ти треба цела плата – вели еден граѓанин.

Граѓаните коментираат дека ако се суди според јајцата, стандардот е многу опаднат. Порано за Велигден купувале по две табли јајца, а сега по една и внимаваат како ја трошат.

Инаку, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат потврдија дека во маркетите има зголемување на цената на јајцата за 5 до 10 отсто. Ова зголемување е поради растот на цената на суровините на светските берзи поради конфликтот со Украина, но и новите случувања на Блискиот Исток.

Ова образложение за зголемувањето на цените на јајцата го збуни и премиерот Христијан Мицкоски, бидејќи јајцата не се берзански производ.

– Државниот пазарен инспекторат е на терен и од она што го гледаме, има поскапување кај јајцата и кај маслото. Зборувам за поскапување, кое е видливо и значајно, кај другите производи цените, во принцип, не отстапуваат визави оние што се просечни од претходниот период. Тоа се правда со зголемените цени на берзите итн. Сега берзи, можеби, ќе звучи чудно кај јајцата, не е конкретно јајцето берзански производ, туку храната што ја користат носилките е берзански производ, па тоа се имплицира кај самите јајца. Така што на тој начин се правда тоа зголемување. Ние го следиме, калкулираме и нема да дозволиме какви било осцилации, кои ќе му нанесат штета на стандардот на граѓаните – подвлече Мицкоски.

Од АХВ, инспекциските служби, во соработка со Царинската управа, во текот на минатата недела спречија обид за нелегален увоз на две пратки со неозначени јајца од Србија. Имено, јајцата требало дополнително да се обележат и лажно да се пласираат како македонски, со што директно се загрозуваат и угледот и конкурентноста на домашното производство.

Во пресрет на велигденските празници и традиционално зголемената побарувачка за јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи, од АХВ соопштуваат дека има засилени контроли кај операторите со храна воз целата држава. Контролите се насочени кон сите сегменти од синџирот на храна – производство, преработка, дистрибуција и продажба, со цел да се спречи пласирање небезбедни производи и да се спречи нелегалната трговија.

– Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на АХВ на терен детално проверуваат дали ги исполнуваат операторите сите општи и посебни услови за безбедност на храната. Во однос на боите за јајца и јајцата, покрај условите за чување и складирање и означувањето, акцент ќе биде ставен и на контролите при увоз, при што на местото на истовар, на физички преглед ќе подлежи секоја увозна пратка – велат од АХВ.

Со засилениот надзор се опфатени маркетите, угостителските објекти, специјализираните продавници за јајца, производителите и трговците со бои за јајца и нивните увозници, како и месарниците и зелените пазари.

Од Агенцијата апелираат до граѓаните да бидат внимателни и одговорни потрошувачи и да ја купуваат храната исклучиво од одобрени и регистрирани оператори, кои се под контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ