На пазарот на злато месецов има силни турбуленции. Цената на благородниот метал во Европа се движи oд 125 до 130 евра за грам, ниво што многу инвеститори го препознаваат како реална пазарна вредност, особено во малопродажбата и дигиталните платформи. На берза, може да се купи 24-каратно злато за 126 евра за грам, за две евра поскапо отколку во петокот. Една унцијаа 31,1 грам се продава по 3.936 евра. Иако на прв поглед ова изгледа како слабост на пазарот, аналитичарите предупредуваат дека станува збор за типична корекција по силен раст.
Во последните недели, цената се движи во поширок опсег, при што краткорочните осцилации стануваат сè поизразени. Причините за ова се повеќеслојни: зајакнување на американскиот долар, неизвесност околу каматните стапки и краткорочни продажби од страна на инвеститорите што ги реализираат своите добивки. Сепак, и покрај овие притисоци, златото не покажува знаци на структурен пад. Напротив, ја задржува стабилната позиција над психолошките нивоа, што укажува дека побарувачката останува присутна.
Еден од поинтересните феномени во моментов е постоењето таканаречени две цени, повисока, берзанска цена и пониска, реална цена што ја гледаат инвеститорите (околу 126 евра за грам). Разликата произлегува од провизиите, ликвидноста и од видот на инструментот – дали станува збор за физичко злато или за дигитална форма на инвестиција.
Очекувањата се дека на краток рок златото ќе продолжи да се движи во рамките од 120 до 135 евра за грам, додека на среден рок можно е враќање кон нивоата од 140 до 150 евра. Долгорочно, пак, основните фактори како инфлацијата и геополитичките ризици продолжуваат да го поддржуваат растот.
Во услови на неизвесна глобална економија, златото и понатаму останува симбол на сигурност, но и потсетник дека дури и најстабилните инвестиции не се имуни на краткорочните турбуленции.












