Според известувањето на Асоцијација „Макам-транс“, возачите треба редовно да го следат бројот на денови поминати во Шенген-зоната, особено пред секое ново патување. При секоја контрола за правилото 90/180 дена, се пресметува 180 дена наназад од денот на контролата и се пресметува колку вкупно денови возачот престојувал во Шенген-зоната. Во кој било период од 180 дена, престојот не смее да биде повеќе од 90 дена.
Не постои „ресетирање“ или автоматско анулирање на претходно искористените денови со започнувањето на EEС. Затоа, секој возач треба да ги евидентира сите датуми на влез и излез од Шенген. Деновите поминати во Шенген за време на годишен одмор, исто така, се сметаат во дозволениот престој.
Како практично да провери? Најдобро е возачот пред секое поаѓање да ги има подготвено сите свои датуми на влезови и излези од Шенген и да провери колку денови му остануваат од дозволените 90. За пресметката, може да се користи и официјалниот калкулатор на Европската комисија за краткорочен престој (90/180): Schengen Short-stay calculator – European Commission, при што калкулаторот е помошна алатка, а возачот треба да ги внесе точно сите свои претходни влезови и излези.












