среда, август 26, 2026
Дома СВЕТ Првиот човек на ЦИА без најава во Москва, за да го предупреди...

Првиот човек на ЦИА без најава во Москва, за да го предупреди Путин да не  ја тестира решителноста на НАТО: Се повторува ли 2021 година?

1
EPA/JIM LO SCALZO

Веста за посетата на Ратклиф дојде откако транспортен авион „боинг Ц-17А глоубмастер III“ на американските воздухопловни сили и американски дипломатски конвој од возила беа забележани на московскиот аеродром. Пред ова чувствително патување, САД го информираа Киев дека високорангирана американска делегација патува во Русија и официјално побараа од Украина привремено да ги прекине нападите на руска територија додека делегацијата не ја напушти земјата

 

 

Шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ратклиф, пристигна во Москва на ненајавени разговори, објави Си-би-ес, а подоцна потврди и „Волстрит џурнал“– ВСЏ

Според пишувањето на ВСЏ, клучната причина за ова ненадејно патување биле американските разузнавачки сознанија дека Русија почнува рани подготовки за нова воена мобилизација за војната во Украина, како и плановите на Москва да ја „тестира решителноста“ на НАТО-алијансата.

Аналитичарите проценуваат дека Ратклиф можеби се сретнал со самиот руски претседател Владимир Путин во Москва за да му го достави лично директното предупредување од Вашингтон. Ова неодоливо потсетува на ноември 2021 година, кога последен пат шефот на ЦИА лично патуваше во Русија. Тогаш првиот човек на ЦИА во тоа време, Вилијам Бернс, отиде во Москва за да го предупреди Кремљ на највисоко ниво дека САД се свесни за подготовките за целосна инвазија на Украина, наведува „Јутарњи лист“.

Ратклиф наводно пристигнал во руската престолнина во вторникот. Веста за посетата дојде откако транспортен авион „боинг Ц-17А глоубмастер III“ на американските воздухопловни сили и американски дипломатски конвој од возила беа забележани на московскиот аеродром. Податоците од услугата за следење на летови „Флајт радар 24“ потврдија дека авионот полетал од Рига во 6:50 часот наутро, слетал во Москва околу 8:04 часот наутро и се вратил во Рига кратко пред 18:00 часот. Пред ова чувствително патување, САД го информираа Киев дека високорангирана американска делегација патува во Русија и официјално побараа од Украина привремено да ги прекине нападите на руска територија додека делегацијата не ја напушти земјата, откри висок украински функционер.

Ниту Вашингтон ниту Москва сè уште официјално не ги потврдија деталите и точната агенда на состанокот, но директните разговори меѓу толку високи функционери се исклучително ретки. Се верува дека ова е првата посета на Ратклиф на Русија откако стана шеф на ЦИА, иако тој одржувал контакти со колегите од руските разузнавачки служби во минатото.

Покрај предупредувањата за мобилизација, експерти како Џон Форман, поранешниот британски воен претставник во Москва, истакнуваат дека темата на разговорот можела да биде „управување со ескалацијата“ поради сомнителните активности на беспилотните летала над Германија, како и потенцијалното ослободување на американски затвореници во Русија. Ратклиф веќе одигра важна улога во преговорите околу ослободувањето на Ксенија Карелин, како и во големата размена на затвореници во 2024 година, кога новинарот Еван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан беа ослободени. Патем, Ратклиф е еден од највисоките американски функционери кои ја посетија Русија за време на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп.

ИЗДВОЕНИ