Фондот за пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) годишно издвојува над 220 милиони евра за здравственото осигурување на пензионерите, средства кои, според директорот на Фондот, Никола Мемов, претставуваат дополнителен товар за пензискиот систем. Мемов предлага да се најде нов модел за финансирање на здравственото осигурување на пензионерите, со кој овие средства веќе нема да се обезбедуваат од придонесите за пензиско осигурување што ги уплаќаат сегашните осигуреници.
– Фондот на ПИОМ секој месец одвојува средства за здравственото осигурување на пензионерите. Оваа обврска, која се реализира согласно сo законското решение, претставува посебен товар за Фондот – вели Мемов.
Според него, средствата што ПИОМ ги префрла во Фондот за здравствено осигурување во моментов изнесуваат 11,8 % од нето-исплатената пензија. До 31 декември 2025 година, овој процент изнесувал 13 %. На годишно ниво, издвојувањето достигнува околу 13,7 милијарди денари, односно повеќе од 220 милиони евра.
– Да појаснам дека Фондот одвојува средства за здравствено осигурување на пензионерите од средствата од придонесите за пензиско осигурување на сегашните осигуреници. Тука треба да има промена и да се најде поинаков начин на финансирање на здравственото осигурување на пензионерите, а не како што е сега, да се финансира од придонесите за пензиско осигурување – посочува Мемов.
Според предложениот пристап, промената на начинот на финансирање би значела дека околу 13,7 милијарди денари годишно би останале во пензискиот систем, наместо да се издвојуваат за здравствено осигурување. Тоа би отворило простор за поинакво управување со средствата на Фондот и намалување на товарот врз пензискиот систем.
Мемов, сепак, не прецизира конкретен модел преку кој би се обезбедувале средствата за здравственото осигурување на пензионерите, туку укажува на потребата ова прашање да се реши со системска промена во начинот на финансирање.












