Македонија има уште едно медитеранско одличие, а овој пат во центарот на вниманието е борачката Вероника Консевиќ, која освои бронзен медал на Медитеранските игри „Таранто 2026“. Консевиќ се закити со бронзата во категоријата до 57 килограми во слободен стил, откако во борбата за третото место ја совлада српската претставничка Милица Перовиќ.
Македонската борачка одигра одличен и неизвесен меч, во кој на крајот славеше со 7-5 на поени. Со оваа победа, Консевиќ се искачи на пиедесталот и донесе уште едно значајно одличие за македонскиот спорт на Игрите во Таранто.
Но, нејзиниот успех добива посебна тежина поради една прекрасна и несекојдневна приказна. Вероника Консевиќ на Медитеранските игри отпатува заедно со своето 11-месечно бебе.

Најмладиот член на нејзиниот тим беше со неа во Таранто и воедно претставуваше огромна мотивација за македонската репрезентативка. И покрај сите предизвици што ги носи настапот на голем меѓународен спортски настан, Консевиќ успеа да остане фокусирана и да стигне до медал.
Нејзиниот пат до бронзата не беше лесен. Во четвртфиналето, македонската борачка загуби од Шпанката Лидија Перез со 1-4. Сепак, бидејќи Перес обезбеди пласман во финалето, Консевиќ доби нова шанса преку репасажот да се бори за медал. Таа максимално ја искористи можноста и во борбата за бронзата покажа карактер и квалитет.
Против Перовиќ водеше голема борба, но на крајот македонската борачка беше поуспешна и славеше со 7-5. Така, со своето 11-месечно бебе покрај себе, Консевиќ стигна до едно од најзначајните достигнувања во кариерата.
Нејзината приказна е уште еден доказ дека големите спортски резултати често зад себе имаат огромна работа, пожртвуваност и лични предизвици.
Со бронзата на Консевиќ, македонското борење стигна до четири медали на Медитеранските игри во Таранто. Фати Вејсели и Реџеп Хајдари освоија сребрени медали, додека Ахмад Магомедов и Вероника Консевиќ се закитија со бронзени одличија.
Но, Македонија обезбеди медал и во боксот. Ален Рустемовски обезбеди најмалку бронза во категоријата до 60 килограми, откако во четвртфиналето го совлада Албанецот Ариол Зенели.

Рустемовски во текот на целиот меч имаше предност и беше подобар противник, а во третата рунда судијата го прекина мечот. Со победата, македонскиот боксер избори пласман во полуфиналето и си обезбеди место на пиедесталот.
Во полуфиналето Рустемовски ќе се соочи со Шпанецот Марин Хернандес.
Македонија така продолжува со одличните настапи во Таранто, а денот го одбележа и прекрасната приказна на Вероника Консевиќ, која со своето мало бебе покрај себе стигна до медитеранска бронза.











