Со почетокот на изградбата, по повеќе од 20 години од првите најави, автопатот Скопје –Блаце влегува во фазата на реализација, со очекување во наредните четири години Македонија да добие современа автопатска врска со Косово и дополнително да ја зацврсти својата позиција во регионалната транспортна мрежа

По повеќе од две децении, најави и одложувања, вчера започна изградбата на автопатот Скопје – Блаце, проект кој Владата го оценува како еден од клучните чекори за подобро регионално поврзување и економски развој на државата. Премиерот Христијан Мицкоски на поставувањето на камен-темелникот порача дека почетокот на изградбата претставува историски момент, но и исполнување на едно од клучните ветувања на Владата.
Мицкоски истакна дека автопатот ќе значи подобро поврзување меѓу Македонија и Косово, полесен транспорт, поголема економска размена и нови можности за граѓаните и компаниите од двете земји.
– По нешто повеќе од 20 години, овој проект станува реалност – порача Мицкоски, додавајќи дека очекува наскоро да има значителен напредок на теренот и проектот да биде реализиран во предвидениот рок.
Премиерот посочи дека особено е значајно тоа што градежните работи ќе ги изведува домашна компанија, што, според него, ќе донесе дополнителна вредност за македонската економија и нови работни места.
Мицкоски најави дека изградбата на автопатот Скопје – Блаце нема да биде единствениот голем проект во патната инфраструктура. Тој очекува наскоро да продолжат активностите и на други делници од Коридорот 8, со што во одреден период во земјава би се граделе шест автопатски делници истовремено – Блаце – Скопје, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Букојчани – Кичево, Кичево – Охрид и Прилеп – Битола.
Според него, изградбата на патиштата не е само инфраструктурен проект, туку инвестиција во иднината на државата и младите.
– Кога градите улица, кога градите пат, кога градите автопат – вие градите иднина – порача Мицкоски, нагласувајќи дека капиталните проекти треба да создадат услови младите да останат во земјата, а оние што заминале да имаат причина да се вратат.
Премиерот нагласи и дека стратешката цел е Македонија, како земја без излез на море, да ја искористи својата географска положба и да се позиционира како важна транспортна раскрсница на Балканот.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, оцени дека почетокот на изградбата на автопатот е дел од пошироката визија Македонија да стане инфраструктурна раскрсница на регионот. Николоски посочи дека токму географската положба на земјата, низ која минуваат коридорите 8 и 10, создава можност Македонија да стане значаен транспортен центар.
– Приоритетот на оваа Влада е напредок, соработка, економски развој и на тој начин развој на државата и на целиот регион – истакна Николоски.
Тој оцени дека новата автопатска врска ќе има значење не само за Македонија и Косово туку и за поширокиот регион, бидејќи ќе овозможи подобро поврзување кон Албанија и Црна Гора и пристап до пристаништата Драч и Бар.
Делницата од Скопје до Блаце е долга 10,5 километри и се протега од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце. Со нејзината изградба треба да се заокружи автопатското поврзување меѓу Скопје и Приштина.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, ја опиша делницата како една од најсложените и најтешките за изградба поради специфичниот ридско-планински терен. На само 10,5 километри се предвидени пет тунели со лева и десна цевка, осум мостови, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови. Рокот за изградба е четири години.
– Денес не поставуваме само камен-темелник на еден автопат, туку поставуваме темел за побрза, побезбедна и посилно поврзана Македонија со соседите, регионот и Европа – истакна Трајановски.
Автопатот ќе има две коловозни ленти, со по две сообраќајни ленти и лента за застанување, а вкупната ширина ќе изнесува 27,5 метри. Постројувањето на трасата треба да овозможи пократко време на патување, поголема безбедност и пониски трошоци за одржување на возилата, додека постојниот пат ќе остане во функција како алтернативна врска.
Проектот се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој од 167,6 милиони евра и грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан во висина од 30,82 милиони евра, додека дополнителни средства се обезбедени од буџетот на ЈПДП за експропријација и за проектантите. Градежните работи ќе ги изведува домашната компанија „Гранит“ АД Скопје.
(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски












