Во одговор на пратеничкото прашање од Сања Лукаревска, министерката за образование и наука, Весна Јаневска кажа дека нема да има бркање на наставници, туку на оние што се технолошки вишок поради драстичното опаѓање на запишани првачиња ќе им се понуди да бидат образовни асистенти една година со можност за продолжување .
“Нема насилна оптиматизација, после седум години државата има изгубено 17.000 ученици, нема првачиња во подрачните училишта. Во последните 20 години имаме над 20% намалување на ученици, а над 40% зголемување на наставници. Имаме вишок на наставен кадар од 13% , а имаме училишта со по три деца. Вкупно 124 училишта спонтано се затвориле. Има училишта каде 6 години нема прваче запишано. Не е вистина дека сакаме да ги намалиме трошоците, законот не предвидува претворање на наставниците во образовни асистенти, тоа е при технолошки вишок и самите градоначалници го знаат тоа. Вашата тотална инклузија даде катастрофални резултати. Наставниците кои ќе прифатат да работат како асистенти ќе земаат иста плата. Долгорочно, очекуваме во следните 4 години да се пензионираат 2000 наставници, а некои од нив не сакаат да прифатат преквалификација, одговори Јаневска .

Пратеничката Сања Лукаревска праша за планираната оптимизација во образованието, колку наставници ќе преминат во образовни асистенти и што со нив по едногодишниот ангажман, односно дали ќе се вратат на работа. Лукаревска сподели информации дека имало наставници на кои не им се давале решенија на неопределено и праша дали ќе има отпуштање. (П.А.)












